Претседателот Иванов ги повика сите лица за кои се уште важи аболицијата да поднесат официјално барање за нејзино поништување. Со поништување на аболицијата за политичарите, Заев остана единствен аболициран политичар.
„Очекувам сите тие кои не се политичари а се дел од таа листа, согласно роковите во законот да ги поднесат своите барања и да им се овозможи тоа што го бараат, да им се повлече помилувањето.“ – изјави Иванов денеска во Софија.
До овој момент, аболицијата е поништена само за политичарите. Меѓу нив, единствено Заев останува аболициран за случајот Глобал. Иако јавно најави дека ќе побара повлекување на аболицијата и за овој случај во кој е фатен со криминал од 8 милиони евра, до овој момент во кабинетот на Иванов не пристигнало вакво барање.
-Од 2008-ма Зоран Заев бара повлекување на аболицијата, тогаш не ми беше дадена правна можност да ја повлечам аболицијата, ниту бев прашан за оваа работа. Сега имам правна можност и ја обжалив пред Апелација и пред Стразбир и аболицијата од 2008-ма година ако ми се даде можност веднаш ќе побарам да биде повлечена, или ако има било каква можност Ѓорге Иванов или било кој во оваа земја барам да биде укината, рече Заев на прес-конференција.
Од кабинетот на Иванов информираат дека по донесувањето на измените во Законот за помилување, ниту едно од аболицираните лица не доставило барање за нејзино поништување. Од кабинетот на Претседателот објаснуваат дека претходно поднесените барања не важат, бидејќи имало измени на законот, и токму затоа Иванов денеска ги повика лицата официјално да побараат поништување на аболицијата.
Меѓу оние кои се уште се наоѓаат на списокот на аболицирани лица покрај Заев се и обвинителите од Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски и Лиле Стефанова, како и сопругот на Радмила Шеќеринска, Бобо Дајнерс кои се уште не побарале поништување.