За претстојниот викенд на македонските аеродроми се најавени повеќе летови од предвидените со редовниот ред на летање, а дополнителни линии и зголемена фреквенција се очекува и во меѓународниот и меѓуградскиот автобуски превоз.
Од „Њу момент“, агенцијата за односи со јавност на концесионерот со македонските аеродорми ТАВ информираат дека на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ за утре се планирани два чартер лета од Цирих и четири чартер лета од Базел. На релацијата Цирих-Скопје за утре се предвидени два редовни лета, а од Базел за Скопје еден редовен лет. За во недела, 24 март, треба да има еден чартер лет од Цирих за Скопје, покрај редовните два лета на таа релација. На охридскиот аеродром, пак, се планирани четири слетувања од Цирих, еден редовен и три чартер лета, а од Базел два чартер лета.
Од Меѓуградската автобуска станица во Скопје велат дека за викендот очекуваат зголемена фреквенција во меѓуградскиот автобуски превоз. Билети за деновите од викендот веќе се купувале и резервирале однапред што покажува дека автобусите ќе бидат пополни од вообичаеното, појаснуваат од Скопската автобуска станица.
Во автобуската станица во Кичево со која стопанисува компанијата „Симекс“ потврдуваат дека во сабота и во недела ќе има две вонредни возења на нивните автобуси на релациите Белград – Кичево и Виена – Кичево.
Од превозникот „Еуробус“ од Струга кои опслужуваат линии кон и од Австрија, Германија и Швајцарија велат дека ќе сообраќаат редовните линии, но оти како компанија вршат превоз на организирани групи во согласност со законите.