Поради Велигден, в сабота од 20 часот до наредниот ден, откако ќе заврши службата ќе биде забрането одвивање на сообраќајот околу храмот „Св. Климент Охридски“. Забраната важи за дел од булеварот „Партизански одреди“, од крстосницата со улицата „Франклин Рузвелт“ до крстосницата со булевар „ВМРО“, како и дел од булеварот „Св. Климент Охридски“ од крстосницата со булеварот „Илинден“ до крстосницата со улицата „Димитрија Чуповски“.
Автобусите на јавниот градски сообраќај, што се движат по булеварот „Партизански одреди“ кон Карпош ќе бидат пренасочени и ќе се движат по следниве улици-„Димитрие Чуповски“, „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и „Франклин Рузвелт“. Автобусите на јавниот градски сообраќај што се движат по булеварот „Партизански одреди“ во насоката исток, ќе бидат пренасочени и ќе се движат по следниве улици- „Франклин Рузвелт“,„Митрополит Теодосиј Гологанов“, „Димитрија Чуповски“ и „11 Октомври“. Притоа автобусите ќе се вклучат на постојните траси и ќе ги користат постојните автобуски стојалишта.
Градските власти апелираат сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на времено поставениот режим на сообраќај.