Еден Французин решил да ги тужи своите некогашни работодавци барајќи да му исплатат околу 280.000 фунти, затоа што бил принуден да ја напушти работата бидејќи била премногу здодевна и му го нарушила здравјето. Тој ја бара оваа сума како компензација бидејќи компанијата намерно го „фрлала“ во здодевност за да се ослободи од него без да плати отпремнина.
Четириесетчетиригодишниот Фредерик Деснард, кој се занимавал со услужни дејности во паришката компанија за парфеми вели дека поради својата работа станал депресивен, уништен и посрамотен. Тој тврди дека неговото „постепено симнување во пеколот“ го принудил да се откаже од работата, за што ги обвинува своите работодавци. Деснард наведува дека бил ангажиран како менаџер, но дека набрзо му биле одземени одговорностите, и дека тој се чувствувал како да не постои.
– Секој ден на работа одев очаен, тонев во своите чувства. Кога одев на работа често плачев, но тоа никој не го забележуваше, бидејќи никого не го интересираше ниту загрижуваше дали сум таму или не. Станав депресивен и посрамотен, бидејќи седев таму и ништо не работев, а бев платен – рекол Деснард за француската телевизија БФМ.
Меѓутоа, адвокатот на оваа компанија Жан Филип Бенисан наведува дека Деснард во текот на четири години никогаш не рекол дека му е здодевно.
– Ако навистина немал што да работи во текот на овие години зошто порано тоа не го спомнал – додал адвокатот.
Овој „совесен работник“ тврди и дека имал проблеми со спиењето, епилептични напади и дека добил чир на желудникот.
– Најлошо беше што негираа дека страдам – рекол Деснард, кој бил отпуштен кога зел седум месеци боледување.
Стручњакот за здравје и безбедност на работно место Жан Кладу Делженес вели дека здодевноста кај вработените се појавува кога ќе се почувствуваат турнати во монотонија и дека немаат шанса да напредуваат.
– Ние проценивме дека на околу 30 отсто од француската работна сила им е здодевно на нивните работни места, но повеќето остануваат поради стравот од невработеност – додел Делженес.
Овој случај не е изолиран, па така на почетокот на годината Французинот Шар Симон ја тужеше националната железничка компанија бидејќи му ја уништила кариерата, затоа што месечно му плаќала 3.800 фунти за отсуство кое траело 12 години. Симон тогаш изјавил дека му било речено дека ќе биде преместен на друго работно место, но дека неговите надредени едноставно заборавиле на него.