Илјадници Језидски девојки се препродавани од џихадистите на ИСИЛ како сексуални робинки и се присилени да јадат стакло. Една од тие девојки била купена од припадник на ИСИЛ од САД.
Џихадистите провалиле во нејзината куќа и во куќата на нејзините соседи во Ирак во август, 2014-та година. Мажите и постарите жени биле стрелани, баш како и нејзините родители.
Ова е приказната на девојката со прекар „Бази“ која ја откри на панелот на Обединетите нации. Таа заедно со останатите девојки била продадена како сексуална робинка од страна на џихадистите на Исламската држава.
Лицето на Бази за време на целиот нејзин говор беше прекриено, а таа откри дека само што наполнила 20 години. Бази е припадничка на Језидите, курдско малцинство кое што на Блискиот исток живее во Ирак и Сирија. Нејзината приказна е малку поинаква од останатите, затоа што Бази тврди дека таа 45 дена била држена во заложништво од припадник на ИСИЛ кој бил – Американец.
„Говореше арапски, но многу лошо. И тоа беше уште една од причините поради која знаев дека не е Арап. Тој беше Американец“, изјавила Бази, пренесува “MSNBC”.
Откако била киднапирана, Бази заедно со останатите девојки била префрлена во ирачкиот град Тал Афар. Сексуалното злоставување започнало веднаш. Припадници на ИСИЛ доаѓале во куќата каде што имало и девојчиња на возраст од 12 и 13 години, ги воделе на вториот кат каде што ги силувале. Кога биле таму, ги хранеле со мешавина од ориз и стакло, а морале да пијат вода во која стоеле валкани детски пелени.
Потоа, Бази била одведена во Рака, упориште на ИСИЛ во Сирија. Таму била купена од војникот на ИСИЛ кој ја одвел во Алепо.
„Ми рече дека е Американец и дека има две деца“, изјави Бази која вели дека останатите борци го нарекувале „Абу Абдулах Ал Амрики“. Бази на крај успеала да му побегне на Американецот заедно со својата помлада братучедка.
„Им побегнав пред неколку месеци. Но, јас не се чувствувам како да сум им доволно далеку, надвор од дофат“, додаде Бази.
Точка