Интервјуто на Јадранка Косор за неделникот „Глобус“ во кое тврди дека не сака да молчи и дека нејзината партија и забранува слободно да зборува, ќе биде причина за нејзино исфрлување од ХДЗ, објави хрватскиот портал „Индекс.хр“.
Повикувајќи се на извори од најголемата опозициска партија Хрватска демократска заедница (ХДЗ), порталот наведува дека настапите во медиумите на поранешната премиерка и претседателка на партијата ќе биде тема на следната седница на Судот на честа на ХДЗ, на која ќе биде донесена одлука за нејзино бришење од членството на партијата.
– Претседателот на ХДЗ Осијек ми рече да престанам да зборувам, обвинувајќи ме дека со СДП работам против ХДЗ, изјави Јадранка Косор за неделникот Глобус.
Косор го обвини актуелното раководство на партијата дека води крајно десничарска политика, алудирајќи на актуелниот претседател на партијата Томислав Карамарко тврдејќи дека процесот на де-туџманизација го почнал Стипе Месиќ.
– Никој не и забранува на госпоѓа Косор да зборува. Од кога ги загуби изборите до денеска, госпоѓа Косор постојано зборува и јавно настапува. Не се сеќавам дека има толку јавни настапи за време на премиерот Санадер или претседателот Туѓман, ниту пак дека членовите на ХДЗ слободно настапуваа додека таа беше лидер на партијата, истакнуваат од ХДЗ.
Порталот наведува дека според ХДЗ нејзината самопромоција нема да претставува проблем доколку таа за своите настапи се консултира со телата на партијата, но таа од некои причини тоа не го прави и нанесува штета на партијата.