Јаглен складиран во Цементарница „Усје“ ја обоил водата во црно која во саботата ги поплави дворовите и деловните објекти во дел од општина Кисела Вода, тврдат од компанијата, откако вчера граѓани од тој дел на општината се пожалија дека додека се бореле со водената стихија одненадеж бликнала црна, како катран вода., пишува Плус Инфо
Од компанијата велат дека во силното невреме биле поплавени и нивни објекти, а кругот на фабриката бил покриен со 30-тина сантиметри вода.
– Дел од водите минаа и покрај платото за складишниот материјал за производство во Цементарица „Усје“, пред сѐ, јаглен, при што се обоија во црно, и продолжија кон 20-тината објекти кои се наоѓаат пред цементарницата, навлегувајќи во нивните подрумски простории – појаснуваат од компанијата.
Вака обоената вода, тврдат од компанијата, нема да и наштети на животната средина.
Од таму информираат дека екипа на менаџментот на Цементарница „Усје“ уште во неделата, веднаш по невремето, посетила дел од овие објекти, но и повеќе други кои се наоѓаат во близина на цементарницата, за да ја разгледа состојбата и да им понудат помош на граѓаните. Денеска пак е одржана посебна средба со сопствениците на најблиските објекти на која е договорено компанијата, во рамките на своите можности, да им помогне во санирањето на последиците од поплавата.