НСДП е полужива партија, која до тој степен е умртвена што не знае да си напише сопствено соопштение, туку служи како обичен поштар на дезориентираниот СДСМ и им ги пренесува истите клевети и лаги кои ги срочуваат во нивната централа истакна Градоначалникот на општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски во реакција кој тој ја испрати како одговор на заканите на НСДП дека го чекал топол престој во Идризово и дека банкротирал многу фирми поради општинските долгови.
– Ако од некого пропати СДСМ во минатите години, тоа беше токму од Тито Петковски и од неговата квислиншка улога што ја имаше во периодот 2006-2009 година. СДСМ е партија која очигледно брзо заборава и по трет пат го наградува НСДП со пратенички места, овојпат со три мандати, иако таа партија нема никаква инфраструктура. Испаничени бидејќи го чувствуваат скорашниот пораз, уште недојдени на власт, го покажуваат вистинското лице за тоа како мислат СДСМ и НСДП да владеат со државата. Тие навечер плачат за политички монтирани процеси, а преку ден смислуваат кому да му се закануваат.Но, ако не знаат, треба да ги потсетиме дека во Идризово има доволно места, посебно за оние кои се богатеа во транзицијата и финансиски профитираа, стои во реакцијата на Јакимовски.
Тој порачува дека Тито Петковски треба да одговори колку тој и неговата сопруга затворија фирми, на колку им останаа должни и колку шеќер со неговите транзициски богаташи од Арачиново „свртеа“ за време на ембаргото.
-Инаку, апсолутен европски рекордер во задолженост е Александар Петревски, ексградоначалникот на Охрид, кој сè уште, колку што знаеме, е член на СДСМ. Или, ако НСДП сака толку да зборува за долгови, прво нека каже колку должат градоначалниците Зоран Заев и Зоран Дамјановски со нивните јавни претпријатија и на кои сè претпријатија им се должни, заклучува Јакимовски.