Јанева: Наредната седмица нови обвинителни акти на СЈО


Повеќето од истрагите што се веќе спроведени од СЈО очекувам да завршат со обвиненија, за кои лица тоа е мошне важно прашање. За некои ќе има запирање на истрагата и отфрлање на обвиненијата, за некои ќе се поднесе обинителен акт, но во секој случај наредната седмица ќе бидат донесени јавни обвинителни одлуки, порача денеска од Охрид специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Јанева која ќе има свое предавање пред учесниците на Школата за природно право во Охрид, изрази уверување дека Судот ќе обрне доволно внимание на доказите на СЈО и основите врз кои тие ги поднесуваат обвиненијата, со очекување Судот дека ќе ги поддржи и потврди обвиненијата, со цел истите да најдат судска разрешница.

– Местото каде треба се вкрстат нашите аргументи со оние на одбраната е судницата, истакна Јанева.

За обвинителните акти чие објавување е најавено пред истекот на рокот на СЈО на крајот на овој месец, Јанева појасни дека со нив се опфатени граѓани на Република Македонија, меѓу кои има и високи функционери и за останати лица, добро познати на јавноста од 2008 до 2015 година.

Таа појасни дека мандатот на СЈО е четири години со право на продолжување една година за обвинителите, најавувајќи дека ќе продолжи нивната работа за обработка на сите доставени разговори од незаконското прислушување.

– Што се однесува на рокот за поднесување обвиненија, тоа е дискутабилно, се разговара на таа тема, се надевам дека ќе биде изнајдено решение во најбрз можен рок, а очекувајте дека и во наредниот период ќе отвараме истраги за други прислушувани разговори што имаат криминални материјали, рече Јанева.

За тоа колку од доставените материјали се обработени, таа појасни дека само 12 проценти од нив се напишани, некаде околу 45 отсто вкупно преслушани, додека останатиот дел од нив воопшто не се обработувани.

– Мора да разберете дека тука има прислушувани разговори на многу новинари, разговори на повеќе јазици, тоа е дел што воопшто не е започнат да се работи, на нив ќе се работи после 15 септември, рече Јанева.

Професорот по уставно право Светомир Шкариќ смета дека исходот од 20-тината обвинителни акти што ќе ги поднесе во рамки на својот мандат СЈО е доволно да се види дали во Република Македонија владее принципот на казнивост на сите.

– Со нив СЈО дава знак дека криминалот не смее да остане неказнет. По истекот на рокот СЈО ќе продолжи да ги истражува криминалните дејства содржани во прислушуваните разговори, да формира документација, а потоа дали преку продолжен мандат или преку редовното судство ќе следуваат нови обвинителни акти, рече Шкариќ.

Професорот Никола Тупанчески кој исто така е дел од наставата на Школата за природно право, од своја страна ја нагласи потребата од темелна ревизија на најголемиот дел од законодавната рамка во земјата, во насока на рефомирање на институциите.

– Во Република Македонија треба да почнат радикални реформи кои ќе значат реафирмирање на начелата на почитување на правната држава, владеењето на правото и почитување на основните човекови слободи, истакна Тупанчески.

Учесници на еднонеделната Школа на природно право што во организација на Македонската академија на науки и уметности и на Амбасадата на САД во Македонија се одржува во Охрид се 25 магистранти и пет докторанти на правни и политички студии од сите универзитети во Република Македонија.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1