Основниот суд Скопје 2 за две недели ќе одлучи дали министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ќе добие отштета за клевета за која го тужи портпаролот на СДСМ Петре Шилегов. Јанкулоска, која бара отштета од 10.000 евра од Шилегов, не се појави на вчерашниот распит во судницата, што од тужениот беше прокоментирано како непочитување на судската власт.
– Не гледам каде е госпоѓата Јанкулоска наклеветена и с` што ние кажавме на прес-конференција е извадено од документите што се јавно достапни. Фактот што и нејзиниот полномошник на денешното судење не ја спореше нејзината имотна состојба говори само за себе – изјави Шилегов за медиумите.
Јанкулоска, пак, преку соопштение на страницата на МВР му одговори на Шилегов дека самиот себе се доведе во непријатна ситуација, која не може да се надмине со изјави во камера, туку само со издржани аргументи пред судот.
– Јавниот настап на Шилегов надвор од судницата е уште еден обид да се изврши притисок врз судот. Јас го почитувам судот и верувам дека е компетентен и правичен. Затоа нема да си дозволам на никаков начин, надвор од судницата, да се мешам во неговото одлучување с` до донесувањето на пресудата – рече Јанкулоска.
Нејзиниот бранител, адвокат Димитар Дангов, рече дека изјава за случајот ќе даде по објавување на пресудата, закажано за 28 февруари.