Во недела македонскиот народ е соочен со историска одлука. Или ќе се самоизбрише и самоукине или ќе продолжи да се бори за се она за кое што се бореа генерации пред нас.
Во недела оваа генерација е соочена со изборот да потклекне на историскиот предизвик, да падне на коленици, да свитка кичма и да се откаже од сопствениот идентитет или да продолжи да се бори и гордо да им пренесе на идните поколенија пример како се чува тоа што е твое и како со ум и со храброст може секој да се спротивстави на неправда и апсурд.
Во недела се соочуваме со избор помеѓу капитулацијата на Заев и чување на сопствениот образ, честа и достоинството. Во недела се одлучува меѓу покривањето и амнестирањето на криминалите и неспособноста на власта од една и љубовта кон Македонија од друга страна.
Почитувани,
Не дозволувајте да ве заплашат со закани или залажат со пари или каква било награда. Што и да ви каже Заев или неговите соработници, достоинството нема цена.
Во целата кампања видовме само лаги и манипулации. На крај и самиот Заев призна дека лаже и манипулира.
Се колнеше во жицата македонска, во дедовците и во внуците дека немало да го смени името. На крај го прифати тоа што ниту еден македонски политичар не го прифатил. Се согласи да го смени името и Уставот, да го избрише идентитетот, да ја менува историјата, традицијата и културата на нашата Македонија.
Зоран Заев призна дека се коцкал, но за разлика од секој друг коцкар, тој како влог си ја ставал државата и сопствениот народот.
Никој не му дал право на Заев да не става нас и државата “олл ин” во неговата покерска игра.
Негов е проблемот што беше фатен како бара поткуп, а не на Македонија. Македонија и македонскиот народ не смеат да ја плаќаат цената за тој да биде амнестиран по трет пат. Камшикар од надвор му треба на него, а не на државата и на Македонскиот народ.
Зоран Заев повика на изборна корупција. Според него вашата чест и достоинство вредат 100 евра. Толку треба да се исплати според него за еден глас за поддршка на неговата капитулација!
Има ли подобар доказ дека не се гласа за европска Македонија, туку се гласа за бришење на Македонија?
Има ли подобар доказ дека не се гласа за ЕУ и НАТО туку за спас на политичката кариера на амнестираниот Заев и транзициските политичари околу него? Дали Амди Бајрам е европска иднина? Дали Љубчо и Бранко се европска иднина? Дали тутунскиот бос Бајруш Сејдиу или Бекир Асани се европска иднина?
Тие не се европската иднина на суверена и модерна Македонија, но се адутите на Заев кои застапуваат ист систем на вредности како него.
Во недела сме соочени со еден од најголемите предизвици на оваа генерација. Вистинското прашање е што им е поважно од тоа дали Македонија ќе опстои? Што им е поголем приоритет од заштитата на националниот идентитет на Македонците? Од што се плашат?
Ќе ви кажам од што се плашат. Се плашат од честа, достоинството, пркосот и мудроста на македонскиот народ. Знаат дека Македонецот не се откажува од Македонија за 100 евра. Не размислуваат сите како Заев. Ниту илинденците, ниту борците од НОБ така размислувале. Не размислуваат така ни младите генерации кои се чувствуваат рамноправни со нивните врсници од Европа.
Лага е дека и ЕУ и НАТО ќе кренат раце од Македонија доколку не помине капитулантскиот договор на Заев. Македонија била и ќе остане партнер и на НАТО и на ЕУ. Тоа сме го докажале и ќе продолжиме да го докажуваме. И токму со одлуката да си го сочуваме националното достоинство, ќе продолжиме да одиме по патот за полноправно членство кон ЕУ и НАТО.
Сега се обидуваат повторно да најдат некое толкување со кое што ќе се спасат, ќе ја заобиколат волјата на народот и ќе го изиграат законот. Се обидуваат да најдат ново толкување на неопходниот цензус за референдумот затоа што се во паника и гледаат дека никој веќе не им верува. Сега им било доволно видливо мнозинство за да продолжеле да ги реализираат уцените и капитулантскиот план. Не! Законот е јасен! Референдумот ќе биде успешен само доколку излезат најмалку половина од вкупниот број на гласачи. Тоа што вие не би сакале да гласате против ЕУ и НАТО не значи дека немате став и не сте против срамниот договор на Заев.
Почитувани,
Во недела бидете спојни и во мир размислете дали ви се поважни Заев и Вице и Анѓушев и останатите членови на криминалниот картел или принципите на вашите дедовци и прадедовци. Одлучете како што мислите и чувствувате. Некои работи како образот и достоинството не се на продажба. Честа еднаш се губи. Срамот останува вечно.
Не дозволувајте да ви се заканат и да ве заплашат. Снимајте ги. Документирајте ги. Пријавете ги и информирајте не. Ќе ви помогнеме. За секоја нерегуларност ќе се одговара за многу брзо.Овој договор е противуставен. Овој договор е штетен. Овој договор не вреди и не треба да биде поддржан. Македонија ќе победи!
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ