Жената, за која се верува дека ѝ била дадилка на жртвата, е осомничена дека го убила детето пред да го запали станот на неговите родители.На снимките на уличните камери се гледа жена облечена во хиџаб, како чекори во близина на метростаницата со глава во рацете.Потоа еден полицаец ја пресретнува и ја соборува на земја.
Осомничената е пратена на психијатриска нега за да се утврди дали е во состојба да ги сфаќа своите постапки, рече Московскиот истражен комитет во соопштението.
Покрената е кривична истрага откако беа најдени останки на дете на возраст од три до четири години, на чие тело имало траги од насилна смрт, во јагленисаниот стан во северозападниот дел на Москва.
„Според првичните информации, дадилката на детето, државјанка на една од земјите на Централна Азија родена во 1977 година, чекала родителите и постарото дете да заминат од станот, а потоа, од причини што не се утврдени, го убила детето, го запалила станот и заминала од местото“, се додава во соопштението.
Според полициски извори, руските новински агенции објавија дека жртвата била обезглавена, а дадилката ја изнела главата од местото на настанот.
Мајката на убиеното дете била однесена во болница во несвесна состојба откако дознала за трагедијата, објавија руските медиуми.
Руските медиуми објавија дека името на дадилката е Ѓулчехра Бобокулова, од поранешната советска република Узбекистан.
„Јас сум терорист“, извикувала таа. „Јас сум вашата смрт.“