Предметот со Алмир детали е рефериран и разгледуван на колегиум на Вишото јавно обвинителство Скопје и на проширен колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија, при што се оцени дека во кривичниот предмет е постапено во согласност со Законот за кривична постапка, Законот за јавно обвинителство и начелата во работењето на јавното обвинителство.Ова го тврди јавниот обвинител Љубомир Јовески во изјава за јавноста поврзана со случајот во кој вчера обвинителката од Куманово го преквалификува делото од убиство во тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Неговата реакција доаѓа откако четворица јавни обвинители (Ферат Елези, Башким Бесими, Џелал Бајрами и Исмаил Дардишта) испратија писмо до јавноста во кое велат дека со преквалификувањето е направена повреда на основните начела на законот за јавно обвинителство, како што се начелата на законитост, непристрасност, објективност и заштита на слободите и правата на човекот.
– Сметам дека таквото обраќање дел од јавните обвинители е непрофесионално и дека со тоа се повредува функцијата јавен обвинител и тешко е прекршен Етичкиот кодекс на јавните обвинители во Република Македонија. Нивната постапка ја доведува под сериозно сомневање независноста, непристрасноста, лојалноста и достоинството на јавниот обвинител, бидејќи нивниот настап е предизвикан од други цели кои не се поврзани со извршување на јавнообвинителската функција. Нема да допуштам влијание од кого и да доаѓа, а кое ги попречува напорите за средување на состојбите во јавното обвинителство во насока на професионално, стручно, непристрасно, совесно и законито извршување на јавно обвинителската функција – вели Јовески.
Тој во неговата изјава порачува дека обвинителите не смеат да дозволат да бидат надвладеани од субјективни мислења и проценки, од притисокот на јавноста или политиката.
– Со соопштението од јавните обвинители директно е нарушена функцијата јавен обвинител и се настојува да се влијае во одлуките по предметот, бидејќи тие конкретно не постапуваат по тој предмет и не можат во јавност да изнесуваат ставови што не добиле верификација на Колегиум. Затоа за нивната постапка ќе се расправа колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија, а ќе побарам нивното однесување да го преиспита Етичкиот Совет на јавните обвинители – рече Јовески.