Југоносталгијата е се уште жива, пишува денес Дојче веле. Пред 70 години, среде виорот на војната, удрени се темелите на СФРЈ. Под раководство на Тито, таа беше сериозен играч на светската сцена. По половина век земјата се распадна. Носталгијата по нејзе сепак се’ уште е жива. Организаторот на „Балканска рок-забава Келн”, Мидхат Мујановиќ, објаснува: „Има луѓе од различни вери, различни етникуми, но луѓето се чувствуваат поврзани со тоа време. Не беше се’ добро, но јас лично имав многу среќно детство во тоа време.”
Ваков југоносталгичен став кон социјалистичката екс-Југославија може да се разбере, вели Ридигер Росиг, балканолог и добар познавач на Југославија:
„На комунистите навистина мора да им се признае за неверојатно брзата и ефективна модернизација на земјата. Тоа важи и за индустријализацијата, како и за сферата која јас особено добро ја познавам – поп-културата. Значи, неверојатната продукција на музика, на уметност, од џез-музика до стрипови.”
Некому, како на сопственикот на киоск Харис Панџа, југоносталгијата му е буквално под кожа.
„Не само што ја носам во срцето, туку и на кожата. Овде, заедно со моето родно Сараево. Тоа е црвената точка”, вели тој покажувајќи на својата тетоважа и продолжува:
„Тагуваме по тоа време, луѓето посакуваат тоа да се врати. Тоа се забележува кога овде ќе сретнеш некого кој доаѓа од Југославија. Прво се раскажува целата историја, си ја раскажуваме меѓусебно сопствената приказна, а потоа следува прашањето: ‘Каде беше за време на војната? Што правеше таму?’ Едноставно се обидуваме, така да се каже, да го обработиме оној дел што сме го загубиле, да си го вратиме и да ги обработиме работите кои ни се заеднички.”