Мобилниот телефон на Младенов и две години по несреќата е мистерија. Според истражувањата на телевизија ТЕЛМА, никаде го нема, а преку движењето на телефонот е откриено каде се движел и сопственикот- загинатиот новинар. Младенов за последен пат го користел околу 8 часа пред да почине, а тоа било фатено на базните станици Трнодол и Капиштец.
Втората мистерија е автомобилот, мерцедес во кој се одигра последното поглавје од животната приказна на основачот на Фокус. Се извртел со голема брзина, над 140 километри на час. Младенов не бил врзан со појас, излетал низ шофершајбната, а во раката имал незапалена цигара. На џипот имало траги од боја, но судската истрага тогаш соопшти дека најверојатно не е од друг автомобил.
Портпаролот на Основниот Суд Скопје 1 изјави дека најверојатно станува збор за антикорозивно средство.
Од телевизија Телма пишуваат: „Денеска се обидовме да дознаеме каде е џипот на Младенов. Во МВР ни кажаа дека тоа е во рамките на судската истрага, а најблиските на Младенов со сигурност знаат дека не го зеле по несреќата. Доколку се отвори нова истрага автомобилот би требало конечно да биде проверен од експерти на произведителот како и од вештаци за возила во Македонија. А колегите на Младенов и пред еден месец за КОД изјавуваа дека нова истрага е потребна, но и со нови истражители.“