Дамјан Темелковски, скопјанец што во моментов живее во Лондон, е првиот студент што во државава направи функционална мапа на криминалот. Дипломирал на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), пренесува Вечер.
– Јас сакав да пробам да направам таков систем во Скопје, само помалку комплексен, кој би го покажувал најбезбедниот пат за со автомобил низ Скопје, на пример. Се јавив во полицијата и разговарав со Иво Котевски, кој беше многу задоволен од мојата иницијатива и ја поздрави мојата идеја. Но сепак, ми појасни дека МВР нема доволно луѓе и пари да ми достави податоци за сообраќајките во градот. Иако тоа се податоци од јавен карактер, сепак за нивно процесирање требаат време и пари, а особено за сите сообраќајки – раскажува Дамјан како ја развил идејата и ја направил веб-страницата.Во тој момент идејата за таков систем пропаднала, но Темелковски не се откажал. Разбрал дека полицијата секој ден на својата веб-страница објавува билтен на настани што се случиле претходниот ден. Тогаш Темелковски добил идеја дека може да ги искористи тие податоци и да направи некој систем. Целосна идеја за ликот и за содржината добил повторно од англиска веб-страница.
КАКО РАБОТИ СИСТЕМОТ
– Системот целосно го креирав сам, со тоа што се консултирав за многу работи со асистентот Милош Јовановиќ. Тој ми помагаше во процесот на изработување на системот со совети и препораки. Откако ја одбранив дипломската, по неколку месеци со луѓето од ФИНКИ ја стокмивме и ја објавивме мапата на веб-адресата на која е сега. Како што се гледа, тоа е на компјутер на ФИНКИ, така што немаме трошоци за добивање веб-адреса и тие се покриени од УКИМ и од Владата.
Улогата на полицијата во мапата е мала. Веб-страницата на Темелковски ги собира автоматски податоците и ги обработува.
– Како резултат на тоа што го прави системот во заднина (автоматски чита од веб-страницата на МВР, ги процесира тие податоци и ги прикажува на мапа) се добива мапа на Македонија со локации на сите настани за кои има објавено краток опис од МВР. Да спомнам дека приватноста е загарантирана со тоа што настаните се лоцирани само по име на улица во градовите или по име на село, па не може да знае некој точно каде се случило нешто и тоа да го злоупотреби. Дополнително, направив и топлинска карта, каде што се покажуваат истите настани, само не индивидуално туку слично на она што е на временска прогноза, црвено каде што се најмногу и слично. Општата цел е да се овозможи луѓето да се информирани за криминалот во населбите во кои живеат или планираат да живеат. Теоретски ова би довело до намалување на криминалот, зашто никој не сака неговата населба да биде со висока стапка на криминал. Ова не е ништо ново, ама она што е ново е тоа што системот користи отворени податоци, кои кој било може да ги види и анализира. Досега беше можно да се види колку и каде има криминал, но само со писмено обраќање до МВР – појаснува авторот Темелковски како работи системот.
Мапата ќе се усовршува
Примарната цел, според него, е намалување на криминалот во Македонија, а целната група се сите луѓе што имаат пристап до Интернет. Сепак, тој вели дека системот не е идеален оти ги нема предвид сите настани што се случиле, туку само избран дел од оние што ги објавува МВР и што се околу десет на ден. Статистички може да се каже дека ако за дел од случајно избрани настани важи ова дека би важело и за сите. Второ, настаните објавени од полицијата не се во структуриран облик. Тоа значи дека се напишани како реченици, а не во табела со вид, локација и датум. Системот самиот пробува да заклучи каде, кога и што се случило и бидејќи е само компјутер, може да згреши. Темелковски најавува дека оваа мапа на криминалот ќе ја надгради и догради и ќе биде вистински водич за безбедно движење и живеење во државава.
Линк до веб страната (http://crimemap.finki.ukim.mk/view/crime_map.php?a=0&doma=1)