Сместен длабоко во утробата на планината Пљешевица, некогаш најопремениот југословенски аеродром Жељава важеше за еден од трите водечки аеродроми од ваков тип во Европа.
Некогаш најопремениот југословенски воен аеродром „Жељава“, чедото на Јосип Броз Тито сместен длабоко во внатрешноста на планината Пљешавица во близина на Бихаќ, денес е целосно пропаднат, пишува Дневни аваз.
Дипломираниот инженер за радарски системи и потполковник на авијацијата Иван Прша вели дека тоа воено здание изгледало импозантно во 1968 година, кога било официјално отворено.
„Тоа беше нашиот најсилен аеродром според инфраструктурата во цела Југославија. Во него беше сместена една авијациска бригада во 60 авиони и над 3.000 луѓе, од што имаше само 500 офицери, околу 900 подофицери и околу 2.000 војници.
Имаше капацитет за опслужување три авионски бригади во случај на потреба. Совршено беше заштитен од ненадејни удари“, објаснил Прша.
Тој додал и дека тоа бил најстрого чуваниот воен објект во поранешната држава.Тогашната војска на Југославија на 17 мај 1992 го минирала аеродромот со 56 тон и експлозив и со тоа целосно го онеспособила.
Времето помогнало и неговата внатрешност целосно да пропадне.Премиерот на кантонот Уна-Сана Хамдија Липовача во 2011 година најавувал можност на таа локација да се направи најсовремен карго аеродром.
Меѓутоа, висината и исплатливоста на инвестицијата го диктираат текот на проектот. Упатените тврдат дека тоа не е исплатливо, додека пак за некој вид на музејски туризам внатрешноста на аеродромот не е безбедна.
„Бихаќ и Краина, и кога би се здружиле со Кореница и Госпиќ, не би имале капацитет на летови за да одржуваат еден таков аеродром. Поради тоа, вложувањето во обнова на Жељава би била вистинска утопија и промашена инвестиција“, тврди Прша.
„Имаше идеи тоа да биде аеродром за товарни авиони и проектот да им биде понуден на потенцијални странски инвеститори. Меѓутоа, изработката на проектот е прескапа, а инвеститорите не сакаат да вложуваат додека не видат исплатливост“.
Поранешниот падобранец на ЈНА Изачиќ Хазим Алагиќ тврди дека голем проблем претставуваат опасните отровни материи кои биле создадени во пожарот при минирањето.
„Поради тоа, барем додека не биде извршена деконтаминација, аеродромот е неупотреблив за какви било активности. Граничната зона, во рамки на која се наоѓа аеродромот, е голем резервоар на вода за пиење од кој се снабдува целиот регион“, вели Алагиќ.
Тој додал и дека поранешниот аеродром е еден од најголемите загадувачи на подземните води што течат низ Лика, па за Бихаќ и целиот кантон Уна-Сана е најдобро тој никогаш да не проработи.