Капетан Драган осуден на 15 години затвор за воени злосторства во Хрватска


Поранешниот српски паравоен командант, Драган Васиљковиќ, познат како Капетан Драган, е прогласен виновен за воени злосторства во Хрватска и е осуден на 15 години затвор.

Окружниот суд во Сплит го осуди Драган Васиљковиќ за воени злосторства извршени над притворени хрватски војници, полицајци и цивили додека бил водач на бунтовничките српски борци во Хрватска.

Васиљковиќ, кој е државјанин и на Австралија и на Србија, беше прогласен виновен за злосторства извршени на тврдината во Книн во јуни и јули 1991 година, каде што биле малтретирани хрватски војници и полицајци, како и за време на нападот врз полициската станица во Глина и околните села во јули 1991 година, во кој биле убиени еден цивил и еден новинар.

Случајот го водеше судијата Дамир Ромац, кој рече дека судот утврдил оти стражарите на тврдината Книн му биле подредени на Васиљковиќ и затоа можел да ги спречи да ги тепаат и психички да ги малтретираат притворените хрватски полицајци и војници.

„Иако видел дека неговите подредени постапуваат спротивно на законот, дека ги тепаат и клоцаат затворениците, но и дека ги удираат со пушки… не го спречил ова ниту, пак, реагирал во врска за ова прашање“, рече Ромац.

Судијата истакна дека во текот на еден инцидент Васиљковиќ дури и клоцнал еден затвореник велејќи: „Дозволете ми да ви покажам како се прави тоа“.

Адвокатот на Васиљковиќ, Томислав Филаковиќ, најави жалба истакнувајќи дека Васиљковиќ е изненаден од исходот на судењето.

На судењето тој негира дека сторил воени злосторства и по сите точки од обвинението се изјасни невин.

Во своите завршни зборови тој го карактеризира судењето како политички мотивирано и опресивно-фашистичко прогонство.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1