Претседателскиот кандидат на СДСМ е изненаден од изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за Плусинфо, во која тој тврди дека денеска разговарал со Пендаровски, веднаш по објавеното интервју на Бранко Црвенковски.
„Сакам јавно да изјавам дека во изминатите неколку дена, вклучително и денеска, не сум имал средба ни со Заев ни со Црвенковски, ниту пак некакви разговори за мој иден политички ангажман. Бидејќи не сум дел од партиските тела, органи и структури, сакам да останам дистанциран од сите случувања во СДСМ до Конгресот на 11 мај. Во таа насока, замолувам моето име да не биде инволвирано во внатрепартиски калкулации“, изјави Пендаровски.
Претходно, Заев за Плусинфо изјави:
„Денеска, после објавеното интервју на Црвенковски веднаш го повикав Пендаровски да го прашам дали има промена во неговиот став и дали размислувањата на Црвенковски се темелат на некави сознанија добиени од него. Стево уште еднаш, јасно и недвосмислено ми потврди дека воопшто не размислува за некаков партиски ангажман, а најмалку пак за функцијата претседател на СДСМ. И денеска повтори дека целосно останува заедно со партиското раководство да ја води битката против оваа власт. Ме информираше дека Црвенковски разговарал со него, но дека и нему му го пренесол истиот овој став уште во текот на вчерашниот ден. Зошто Црвенковски денеска изјавува дека воопшто не разговарал со Пендаровски, треба да и објасни на македонската јавност. Верувам дека Стево Пендаровски ваквиот негов став и лично ќе и го соопшти на јавноста“, рече Заев.
Пендаровски тоа и го стори – јавно демантира дека имал какви било разговори и со Заев и со Црвенковски.