Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска се врати на работа во СЈО, информираат од Обвинителството за Фокус.
Јанева, сѐ уште не добила покана да се појави на распит во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а во однос на истрагата за „Рекет“, во која засега има двајца осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милевски -Кичеец.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во писмена изјава, објавена на веб-страната на СЈО, во врска со објавените разговори, повторува дека во интерес на предистрагите и истрагите што се водат во Jавното обвинителство кое го води, повеќе пати разговарала со разни лица, во обид да се издејствуваат подобри позиции во кривичните предмети, а тоа често се случувало да се одвива преку од нив назначени посредници.
-Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага што ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители, посочи во изјавата Јанева.