Кривична пријава за трговија со дете поднесе денеска Министерството за внатрешни работи против 42-годишна кавадарчанка, во врска со случајот со штитеничката од ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25-ти Мај“.
Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти при Одделот за сериозен и организиран криминал на МВР до Основното јавно обвинителство за сузбивање организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против М.Д. од Кавадарци поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „трговија со дете“, согласно член 418 од Кривичниот законик, соопшти МВР.
Според документираните сознанија, било утврдено дека таа во текот на декември лани и јануари оваа година го принудувало детето Р.И., да дава сексуални услуги на поголем број лица за одреден паричен надомест.
Исто така покрај сексуалната експлоатација, пријавената вршела и трудова експлоатација врз детето принудувајќи да питачи за неа.
М.Д. е задржана во полициска станица во Кисела Вода и во текот на денот ќе биде однесена за распит во Кривичниот суд.
Претходно со поднесување кривична пријава за 11 одговорни и стручни лица од Центарот за социјална работа – Скопје за кривично дело „несовесно работење во служба“ и „запуштање на малолетно лице“ и со оставката на директорот на Домот „25 Мај“ полека почнува да се лоцира одговорноста за случајот со 13-годишната штитеничка од овoј дом.