Со казна од 1.000 евра се соочуваат сопствениците на оружје кои не поднеле барање за продолжување на дозволите. Во писмениот допис од Министерството за внатрешни работи испратен по барање на Сител, се вели дека согласно законот за оружје, по истекувањето на законскиот рок за продолжување на дозволите за поседување огнено оружје, предвидени се парични казни.
Согласно одредбите од Законот за оружје, глоба во износ од 600 до 1.000 евра во денарска противредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице, односно глоба во износ од 5.000 евра во денарска противредност ќе се изрече за прекршок на правно лице, кои дозволите за поседување и носење на оружје, овластувањата за носење на оружје издадени по Законот за набавување, поседување и носење оружје нема да ги заменат најдоцна во рок од десет години од денот на влегување во сила на овој закон, се вели во соопштението од МВР.
Инаку на 12-ти овој месец измина рокот во кој граѓаните и правните лица можеа да поднесат барање за нова дозвола. Според статистиката на полицијата, во Македонија најмногу дозволи имаат ловџиите а оружјето кое тие го поседуваат е најупотребувано во земјата. Најмногу барања пак имаат спортистите кои бараат дозвола за користење на сопственото оружје во стрелачките клубови.
Според евиденцијата на Министерството за внатрешни работи, во законскиот рок за поднесување на барања за нови дозволи, тоа не го сториле ниту половина од граѓаните во државата. Околу 40 проценти од сопствениците ја почнале постапката за замена на старите дозволи за поседување оружје.
Од МВР додаваат дека во тек е постапка за измени и дополнувања на Законот за оружје кој важи од 2007 година.