Зголемување на правата на работниците и подобрување на позицијата за работа ќе се овозможи со предложениот закон за заштита од вознемирување на работно место (мобинг), што на барање на синдикатите, Владата го донесе на последната седница.
– За психичко вознемирување се смета секое дејство на поединец или група кое се повторува неколку пати, а има за цел или задача да изврши штета на интегритетот, достоинството, угледот и честа на поединецот да предизвика чувства на страв, непријатност или да предизвика оштетување на менталното или физичкото здравје на поединецот да ја компромитира неговата професионална иднина и на крај да го натера поединецот да ја напушти работната организација. Под полово вознемирување се смета секое вербално или невербално или физичко однесување од полов карактер кое има за цел да наштети на честа и угледот на поединецот и да предизвика чувство на страв, непријатност и пониженост.
Доколку едно лице смета дека е вознемирувано во вршење на работните задачи од страна на друго лице кое работи во истата организација без разлика дали е негов колега или работодавач прво треба писмено да го извести лицето за кое смета дека му врши психичко или полово вознемирување, дека дејствијата што ги презема се неприфатливи. По писменото предупредување, ако не дојде до корекција во однесувањето, тогаш вознемируваното лице има на располагање две постапки. Прво, во рамки на самата организација, со интерна постапка да се обрати до работодавачот, да истакне дека е вознемируван од страна на колега и врз основа на тоа работодавачот е должен да поведе постапка за утврдување дали постои вознемирување на работното место. Во случај доколку вознемирувањето го врши работодавачот, на вознемируваното лице му се остава правото своите права и интереси да ги брани директно пред суд.
Во првата претпоставена ситуација доколку вработениот е вознемируван од свој колега, работодавачот е должен во рок од осум дена да отвори постапка, интерна во рамки на работната организација и задолжително да назначи посредник од редот на вработените кој ќе има улога на медијатор, односно ќе ја води постапката и ќе се обиде да ги смири страните кај кои што постои определено недоразбирање. Работодавачот е должен да има листа на посредници кои ќе посредуваат во вакви ситуации, а доколку во една работна организација има над 50 вработени тогаш работодавачот законски е должен листата јавно да ја објави пред својата организација за да можат вработените да бираат посредник, кој ќе посредува во нивните односи.
– За доследна примена на законот предвидени се глоби од пет до шест илјади евра за работодавачот доколку не преземе мерки да се спречи вознемирување на работно место, не ги исполни препораките од посредникот кој констатирал вознемирување на вработен, претходно не ги извести вработените за нивните задачи, права и обврски… Дополнително три до четири илјади евра глоба е предвидена за директорот, а доколку работодавачот претставува физичко лице санкциите за него се од илјада до две илјади евра.