Министерството за финансии реагира дека доколку се укине издавањето на државни записи, се укинуваат механизмите за нормално и непречено реализирање на буџетот. Се доведува во прашање исплатата на платите, на пензиите, воопшто на сите редовни исплати кои се вршат од буџетот, соопшти денеска Министерството за финансии.
Издавањето на државните хартии од вредност е предвидено со Буџетот за 2015 година, изгласан од Собранието и со неговото попречување се крши и законот, смета Министерството. Тие велат дека секоја држава издава обврзници и оти од најавеното задолжување од 100 милиони евра наредната недела треба да се вратат стари долгови од скоро 85 милиони евра.
СДСМ, пак, реагира дека е целосно неточно е дека со ветото за најавеното ново задолжување од 100 милиони евра на домашниот пазар се загрозува исплатата на плати, пензии и социјални трансфери.Тие сметаат дека „секое дополнително задолжување претставува обид за финансирање различни форми на изборна измама и корупција“.
Заменик министерот за финансии од СДСМ Кире Наумов стави вето за новото задолжување, за кое треба да се произнесе ДИК. Новото задолжување од 100 милиони евра беше најавено само три дена откако државата, со еврообврзница, се задолжи за 270 милиони евра на меѓународните пазари, наместо планираните 500 милиони евра.