Оваа работна недела ќе имаме подобра временска прогноза од претходната.
Денес ќе имаме релативно суво утро и умерена облачност. Попладне повторно ќе има зголемување на облачноста и појава на релативно слаби и локални врнежи од дожд. Само во крајните источни делови од земјата врнежите ќе бидат позастапени, но сепак не станува збор за големи количини на дожд. Температурата ќе се движи од 23 до 26 степени Целзиусови.
Во среда времето ќе биде малку посвежо утро за разлика од вторник. Претпладне ќе помине со мала до умерена облачност, додека попладне ќе има локално зголемување на облачноста и повремен, сосема слаб дожд во крајните западни и источни делови од земјата. Облачноста во текот на вечерта ќе се извлекува кон југоисточниот дел од земјава, каде ќе има сосема слаб и локален дожд.
Четврток носи поубаво време. Наутро со локална умерена облачност, а доцна попладне и вечер ќе има услови за краткотраен дожд на планинските места во западниот и јужниот дел од земјата. Температурата во текот на денот ќе изнесува околу 25 степени во северната половина на земјата, во југозападниот регион околу 24. Најтопло ќе биде на југоисток, каде температурата ќе достигне до 27 Целзиусови степени.
Во петок ќе има значително помала облачност. Денот ќе помине во посончево и суво време. Температурата во текот на денот ќе има повиска вредност во однос на онаа од четврток.