Ќе паѓаат цените – еве што ќе поевтини


Во услови на општ пад на цените во Европа, можен е притисок врз инфлацијата и дома, а нестабилност и поголеми ценовни шокови може да предизвикаат некои надворешни фактори, предупредува Народната банка (НБМ). На глобален план, цената на нафтата оди надолу, се намалуваат цените на житарките. Аналитичарите со кои разговаравме велат дека не очекуваат значајни инфлаторни притисоци, но очекуваат дефлаторниот тренд во Европа да има одредено влијание и овде. prodavnica
Според Народната банка, во повеќе европски земји веќе е регистрирана дефлација, односно општ пад на цените, а во другите инфлацијата се намалува. НБМ нотира во последниот извештај пад на цената на нафтата, што за Македонија е увозен производ, со што, од друга страна, треба да се намали притисокот на домашната инфлација. Таков е случајот и со цените на житарките. Во НБМ се децидни дека политичката нетрпеливост помеѓу Русија и САД и Европската Унија и воведувањето трговски бариери и економски санкции може да создаде голема неизвесност во однос на идните движења на цените.

– И понатаму се присутни нагорни ризици за цените на енергијата и на храната поврзани со геополитичките тензии во Ирак, повторното актуализирање на руско-украинскиот конфликт, како и евентуалните ефекти од поплавите во регионот, стои во најновиот извештај на НБМ.

Проекциите се дека увезените производи Македонија ќе ги плати поевтино од првично проектираното. Ова најмногу се должи на очекуваните стапки на инфлација кај најголемите трговски партнери на Македонија. Според податоците, во Бугарија се очекува пад на цените наместо раст, а во Германија производите ќе поскапат помалку од првично планираното.

Инаку за годинава се проектира годишната инфлација да биде еден процент, што, ако се оствари, ќе биде најниска инфлација во последните четири години. Во 2009 година беше остварена негативна стапка на инфлација од 0,8 отсто, а во 2010 година беше 1,8 отсто. Лани годината заврши со стапка на инфлација од 2,8 процента. За в година Владата проектира инфлација од 2 отсто.

Експертите се согласуваат дека најлош ефект кај падот на цените е одложувањето на потрошувачката, односно кога цените паѓаат, сите чекаат да купуваат подоцна во очекување на уште поголем пад. Во таков случај се намалува агрегатната побарувачка и се забавува можноста за зголемување на економскиот раст. (А.Т.)

Поевтинуваат нафтата, бакарот, житарките

Kонтинуиран пад на цената на нафтата се бележи на светскиот пазар. Деновиве нафтата од типот брент чини под 100 долари за барел, а аналитичарите очекуваат и понатамошен пад поради најавата за зголемување на производството во САД. Генерално, цената на енергентот паѓа поради зголемената понуда наспроти намалената побарувачка. Од металите, цената на бакарот паѓа, но значително помалку од порано затоа што сега се зголемува побарувачката од Kина и од САД. Цената на никелот, пак, оствари значаен раст, кој во светот главно се објаснува со воведената забрана за извоз на никел од Индонезија. Во истовреме паѓаат цените на житарките – на пченицата во третиот квартал за 10 отсто, а на пченката – за повеќе од 25 проценти, што се поврзува со поволните услови во САД и очекувањата од есенската жетва и раст на глобалните залихи на пченка. Експертите не очекуваат во блиска иднина значен раст на цените на житните култури.

Дневник

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1