Владата денеска на седница ја усвои Националната стратегија за развој на културата 2018-2022 и Акцискиот план, со кои и практично треба да почнат темелните реформи кои ги најавува Министерството за култура.
Децентрализација и деметрополизација на културата и пристап до неа за сите граѓани подеднакво, се главните цели на културниот развој планирани за идните пет години.
– Годинава отвораме повеќе процеси за преструктурирање на системот, во кои го очекуваме учеството и придонесот на јавноста и сите заинтересирани – рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски на прес-конференција во Владата која попладнево на седница го усвои стратешкиот документ и тој понатаму треба да премине во собраниска процедура.
Во однос на конкретни зафати за реформи во културата, министерот презентираше клучни сегменти од Акцискиот план за кои, како што рече, веќе се во напредни фази на подготовка.
Меѓу нив се поддршка на иницијативи на општините да основаат нови културни установи или да го зголемат бројот на институции под нивна надлежност преку создавање фискални услови и зголемување на парите што ги добиваат преку блок-дотациите за култура.
Врвен приоритет, рече, е заштитата на културното наследство и музеите, за што ќе се спроведе ревизија на состојбите во установите и во Управата за заштита на културното наследство. Ќе се изработи стратегија за заштита и подготовка на нов закон за заштита на културното наследство.
– Во 2018-та ќе спроведеме и ревизија и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од т.н. проект „Скопје 2014“, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство. Ќе се подготви листа на споменици од национално значење, Национален акциски план за превенција на криминал со културното наследство – рече Алаѓозовски.
Најави и измени на Законот за музеите, поддршка на граѓанскиот и на независниот културен сектор, интердисциплинарните уметности, културните и креативните индустрии, реформа на Министерството за култура кое, рече, веќе нема да биде авторитарен чинител на културниот живот и главен арбитер како претходно.
Меѓу целите е и реформа на системот на финансирање, со кој националните установи ќе добиваат резервиран буџет, врз основа на стратешки план за период од три години.
– Програмите ќе ги утврдуваат самите, залагајќи се за вкоренетост во локалните заедници чии културни потреби ги задоволуваат. Развојот на публика останува врвен критериум. Програмите ќе ги носат програмските совети и управните одбори, а Министерството ќе ги преиспитува од аспект на усогласеност со културните политики – рече Алаѓозовски.
Реформа најави и во филмската дејност што ќе опфати ревизија на досегашните финансирани проекти, исполнување на договорените обврски на филмските продуценти, почитување на роковите, буџетите и квалитетот на филмовите. Ќе се подготви стратегија за развој на филмската дејност, што е обврска и од Законот за филмска дејност.
Измени ќе има и во библиотечната дејност и во Законот за издавачка дејност (во делот што се однесува на библиотеките), како и дополнувања на Националната класификација на културното наследство. Претстои, рече, санирање на состојбите во НУБ „Св. Климент Охридски“–Скопје, а ќе се обезбеди поддршка и за дигитализацијата на библиотечните фондови.
Усвоената Национална стратегија за развој на културата 2018-2022, за која во последните пет месеци од 2017-та беа организирани неколку јавни дебати низ државата, Министерството за култура ќе ја објави на својата веб-страница www.kultura.gov.mk.