Дирекцијата за заштита и спасување ќе почне да ги санира засолништата и опремата што се во нивна надлежност за што е објавен оглас, со кој се бара фирма-изведувач. За реконструкцијата се предвидени 12 милиони денари, односно околу 195 илјади евра.
Раководителот на одделението за техника и материјално-техничко опремување во Дирекцијата за заштита и спасување, Димче Митевски, вели дека постепено ќе се санираат сите 99 засолништа во Македонија, од кои над десетина во Скопје, пренесува Дневник.
– Ќе се започне од Скопје, од најголемото засолниште кое се наоѓа во населбата Аеродром и е со површина од 400 квадратни метри. Ќе се реконструираат онолку засолништа колку што има средства. Ние ќе бараме исто толку средства да бидат одвоени и за наредната година, со што санацијата ќе продолжи с` додека не се уредат и оспособат сите засолништа -информира Митевски.
Тој вели дека ваква санација на засолништата се врши првпат.
– Дирекцијата за заштита и спасување почна со работа од 2005 година и ги има наследено засолништата од АРМ, односно Министерството за одбрана. Со години никој не се грижел за нив. Повеќето се запуштени, а несовесни граѓани пред нивните влезови фрлаат ѓубре, некои се претворени во засолништа на зависници. Тоа прашање државата веќе го решава – објасни Митевски.
Kако што истакна тој, со реконструкцијата ќе се создадат потребните услови за престој во засолништата.
– Тие ќе се исчистат, ќе се изврши дезинфекција, дезинсекција и дератизација, ќе се сервисираат вентилациските системи, агрегатите за струја, кои се рачни. Ќе се обнови целата електрична инсталација, како и креветите, односно ќе се направи с` што е потребно да има едно засолниште – изјави Митевски.
Планирано е реконструкцијата да започне на 1 декември и да трае една година.