Законските измени за продолжување на породилното отсуство влегоа во собраниска процедура. На првата седница на комисијата за труд и социјална политика присуствуваше и министерката Мила Царовска која пред пратениците посочи дека Македонија во моментов има платено породилно отсуство од 36 недели за што годишно се одвојуваат повеќе од две милијарди денари. Продолжувањето на овој период дополнително ќе го оптовари буџетот, а предолгото отсуство на жената ќе значи губење на капацитетите и поттикнување на позитивна дискриминација.
Измените на законот за работни односи влегува во собраниска процедура по предлог на три пратенички од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја поддржаа граѓанската иницијатива за продолжување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци. Оваа иницијатива минатата недела беше одбиена од комисијата за политички систем поради техничка грешка, но од најголемата опозициска партија сметаат дека за овој прелог треба да се развие дебата која ќе резултира со ново законско решение во корист и на мајките и на децата.
И денешната седница власта и опозиција ја искористија за меѓусебни обвинувања, кој работел за доброто на граѓаните а кој давал лажни ветувања.
Законските измени за продолжување на породилното отсуство следната недела ќе бидат разгледани и на седница на собраниската комисија за еднакви можности на мажите и жените, на која својот став ќе го кажат повеќе невладини организации, педијатри и бизнис заедницата.