Тагата која по којзнае кој пат годинава се прошири во музичкиот свет поради смртта на големиот музичар, овојпат клавијатуристот Кит Емерсон, само е дополнително продлабочена со сознанието дека извршил самоубиство.
Емерсон, кој на широката публика ѝ е најпознат како ко-основач на бендот „Емерсон, Лејк и Палмер“, со прострелна рана на главата минатиот петок го пронајде неговата девојка Мари Кавагучи. Во разговорот со британски „Дејли мејл“. Мари објаснила дека Кит постојано бил загрижен дека, поради фактот што повеќе не може да свири како порано, ќе ги разочара обожавателите.
– Со десната рака со години имаше проблеми. Беше и на операција, но состојбата му беше сè потешка. Дури, пред концертот во Јапонија, размислуваа да ангажираат уште еден клавијатурист кој би можел да ги покрива на концертот. Концертите во Осака и Токио беа закажани за април и тоа страшно го загрижуваше. Читаше критики на интернет и тој емотивец каков што беше, тоа страшно го погодуваше. Дури по Јапонија, поради критиките на публиката, сакаше да престане да настапува – раскажала Мари.