Постојат малку јавно достапни информации за Алис Хуанг – жената која, наводно развила однос со лидерот на „Nvidia“, Џенсен Хуанг Американските власти дошле до заклучок дека таа, всушност, била и шпион на Пекинг, која одржувала љубовна врска со Џенсен Хуанг, извршниот директор на „Nvidia“ – компанија за чипови која е клучна за американските амбиции да ја задржат предноста пред Кина во трката за вештачка интелигенција. Лица запознаени со американските разузнавачки сознанија изјавиле за „Њујорк тајмс“ дека веруваат оти Алис Хуанг била регрутирана како дел од напорите да се дознае повеќе за американските чипови за вештачка интелигенција, како и да се убеди „Nvidia“ да се заложи за тоа нејзините напредни чипови да станат достапни за Кина.
Кина ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „ништо друго освен клевети“.

Сепак извршниот директор на „Нвидија“ испрати е-пошта до целата компанија во која се извинува за аферата. Хуанг не ја именуваше Алис Хуанг во својата изјава, но ја потврди неверноста и објави дека одборот на директори на „Енвидија“ започнал независна истрага за можните безбедносни импликации. Случајот го привлече вниманието и на американскиот Конгрес, кој сака да утврди дали чувствителни информации можеле да паднат во рацете на кинеските власти.
„Ја поддржувам истрагата и целосно ќе соработувам. Ја сакам нашата земја и нашата компанија. Посветен сум на заштитата на ‘Енвидија’ и поддршката на американската национална безбедност. Горд сум и благодарен што сум Американец“, рече Хуанг.
Алис Хуанг е кинеска бизнисменка поврзана со сингапурската технолошка компанија „Мегаспид“ (Megaspeed), која е еден од главните клиенти на процесорите за вештачка интелигенција на „Нвидија“.

На почетокот на 2025 година, амбициозната Алис Хуанг барала инвеститори за центар за податоци во Југоисточна Азија, проект вреден неколку стотици милиони долари. Таа и нејзиниот деловен партнер имале силен аргумент. Според инвеститор што присуствувал на разговорите, двајцата тврделе дека без проблем можат да ги набават бараните графички процесори на „Енвидија“. Како клиент го посочиле кинескиот гигант „Алибаба”. Таа била извршен директор на компанија за податочни центри со седиште во Сингапур, за која постои сомнеж дека ги заобиколувала американските контроли за извоз и пренасочувала чипови од „Nvidia“ кон Кина.
Алис Хуанг во кинеските деловни документи се појавува како Хуанг Ле. Таа е кинеска државјанка, а нејзината точна возраст не е јавно позната. Според извори на „Њујорк тајмс”, добро зборува англиски и има контакти во врвот на индустријата за чипови. За нејзините почетоци има помалку проверени податоци. Во биографија што ја пронашла АФП се наведува дека била репортерка во кинеската државна телевизија Си-Си-Ти-Ви и во телевизијата Хунан, а потоа работела во банката ХСБЦ. Агенцијата не успеала независно да ги потврди тие ангажмани.

Повеќе траги оставила во финансискиот сектор. Кинескиот „Тајм викли“ пишува дека во шангајската инвестициска куќа „Хекси” самостојно управувала со повеќе приватни фондови и била наведена меѓу водечките луѓе на фирмата. „Фајненшл тајмс“ ја идентификува како партнерка во „Хекси“. Според кинеските корпоративни документи што ги прегледал весникот, фирмата престанала да ги ажурира годишните резултати во 2022 година, а повеќе нејзини фондови биле затворени.
Во 2023 година Хуанг била заведена како раководителка во „Мегаспид“, сингапурска компанија што израснала од кинеска фирма за видеоигри. „Мегаспид” набавувала опрема од „Енвидија“ и изнајмувала компјутерска моќ за обука и работа на системи со вештачка интелигенција. Според „Фајненшл тајмс“, „Алибаба“ била нејзиниот најголем клиент, а договорот со кинескиот гигант ѝ помогнал на „Мегаспид“ да ги отвори првите разговори со „Енвидија“ за набавка на опрема. Сегашната улога на Алис Хуанг во фирмата е нејасна.
Една од највидливите средби на двајцата се случила на 22 мај 2025 година, за време на технолошкиот саем „Компјутекс“ во Тајпеј. На вечерата што ја приредил Џенсен Хуанг, тајвански новинари снимале низ прозорците на ресторанот. На снимката се гледа како тој ја прегрнува Алис, а таа го бакнува во образ. Подоцна заминале со ист автомобил. „Фајненшл тајмс“ прегледал и фотографии на кои двајцата се заедно во Шангај, Хонгконг и Калифорнија, дел од нив во друштво со други луѓе.
Американските власти од 2024 година ја проверуваат „Мегаспид“ поради сомневање дека преку неа напредни чипови на „Енвидија“ завршувале во Кина со заобиколување на извозните ограничувања. Прашањето е каде завршила опремата, бидејќи на кинески компании им е дозволено да изнајмуваат компјутерски капацитет во центри за податоци надвор од Кина. „Мегаспид“ ги отфрли обвинувањата за незаконско постапување со чиповите.
„Нвидија“ произведува процесори кои се клучни за развојот на најнапредните системи за вештачка интелигенција.
Меѓу нејзините најголеми клиенти се „Мајкрософт“, „Амазон“, „Гугл“, „Мета“ и „Оракл“.
Пазарната вредност на „Нвидија“ оваа година надмина 5 билиони долари, поттикната од порастот на побарувачката за вештачка интелигенција. Хуанг стана еден од најмоќните бизнисмени во САД и одржува блиски врски со администрацијата на претседателот Трамп.
Случајот го покренува не само прашањето за неговиот приватен однос со Алис Хуанг, туку и можноста кинеските разузнавачки агенции да користеле некој поврзан со голем купувач на чипови на „Нвидија“ за да добијат комерцијално или политички чувствителни информации.








