Само што почна со работа кочијата, а ред се чека за нејзино изнајмување, најмногу се барала за свадби, матурски и сунети. Сепак надлежните велат дека поради забраната за движење на запрежни коли по улици славење може да има само во Центар
Едно кругче со пајтонот низ Центар ќе чини 100 денари за возрасни и 50 денари за деца. Кочијата од вчера започна да сообраќа низ градот, а трасата на движење ќе и биде од плоштад Македонија низ паркот Жена-борец и по Камени мост до плоштадот Карпошово востание. Пајтонот ќе сообраќа секој ден освен понеделник и тоа наутро од 10 до 13 часот и попладне од 16 до 21 часот.
Кочијата ја влечат два бели коњи, на неа е вграден црн подвижен покрив од водоотпорна кожа, а внатре е обложен со црвено кадифе и со две дрвени врати.
Во старо Скопје, од 1918 до 1941 година, пајтонот бил најраспространето превозно средство. Според хроничарите во 1930 година по скопските улици возеле 153 пајтони.