Пет девојчиња на возраст од само 14 години се породиле во 2013 година во скопските гинеколошки клиники и болници. Децата што родиле деца живеат во скопските општини Kарпош, Гази баба, Чаир, Шуто Оризари, а едно девојче е од Свети Николе и дошло во Скопје за да се породи. Сите тие девојчиња се родени во 1999 година, значи дека кога ја добиле својата прва рожба во 2013 година, имале само 14 години, некои ни толку. Сега, една година откако се породиле, младите мајки веќе ги проодуваат своите годиначиња, а нема информации дали тие се самохрани или и татко се грижи за детето што дошло на свет. Не се знае ниту дали мајките по деветмесечното отсуство, го продолжиле „престојот“ во училиштата или мора да работат со завршено само основно училиште за да ги прехранат своите првенчиња, пишува Дневник.
Гинеколозите опоменуваат – голем ризик е кога дете раѓа дете!
– Kога девојче има само 14 години, тоа е с` уште дете, кое с` уште расте и се развива, зашто се одвиваат некои физиолошки процеси, а хормоните работат. Kога на оваа возраст ќе дојде до бременост, која секако не е болест, тоа секако е голем товар за организмот, во овие случаи, на децата. Kај нив, кога ќе останат бремени, иако се на таа возраст, се одвиваат многу физиолошки функции типични за жената. Со оглед на незрелоста на некои системи, со бременоста овие девојчиња прво го ризикуваат своето, а потоа и здравјето на детето што ќе се роди – појаснува д-р Јегени.
– Најчесто се јавува прееклампсија – висок крвен притисок – со сите форми и компликации, кои може да им го загрозат животот и на родилката и на плодот! А породувањата кај сите помлади прворотки, жени што немаа ниту 18 години, во принцип, ги завршуваме со царски рез. Тоа е за нивна поголема безбедност, иако и таа интервенција носи ризик. Значи, оваа категорија на родилки помлади од 18 години, а особено оние до 15 години, спаѓаат во група на високоризични бремености. Затоа малолетничките мора да внимаваат и да се штитат од несакана бременост – нагласува д-р Јегени.
Најмногу родилки помлади од 20 години имало пред 10 години
Според податоците на центарот, бројот на живородените деца од мајки помлади од 20 години во Скопје бил најмал во 2013 година, кога имало 247 случаи на бременост кај девојки под 20 години. Оваа бројка била највисока пред 10 години – во 2004 година, кога биле бремени 349 девојки, во 2008 година изнесува 292 случаи, а последниве три години – од 20011 до 2013 – имало од 272, 271 до 247 бремени помлади од 20 години.