Исчезнати, криминалци, осуденици, затвореници, но и луѓе кои никогаш не го прекршиле законот може да се најдат на 2.500 активни потерници кои во моментов ги има покренато Министерството за внатрешни работи.
Во редакцијата на ВЕЧЕР на дежурниот телефон се јави момче од Скопје (чии податоци се познати на редакцијата) кое објасни дека има проблем секој пат кога ја напушта Македонија или пак, се враќа назад, бидејќи неговото име и презиме се идентични со идентитетот на криминалец баран со потерница.
– Тргнав за Германија кај тетка ми на гости и не ни сонував дека патот ќе ми стане ноќна мора. На аеродромот во Скопје при контрола на пасошите пред да се качиме во авион ме запре службеничката со образложение дека по мене е распишана потерница и се барам за издржување казна затвор – вели скопјанецот.
Тој се негодување почнал да се објаснува со полицајката дека такво нешто нема шанси да се однесува на него. Полициските службеници направиле уште една, овој пат детална контрола и на крајот излегло дека податоците на момчето се поклопувале со податоци на друг скопјанец кој се барал за издржување казна затвор. го пуштиле да замине за Германија, меѓутоа на враќање на истиот граничен премин го имал истиот проблем. Тоа се должи на фактот што во објавената потерница имало само име и презиме на бараното лице, без матичен број или адреса, што е огромен пропуст или грешка на надлежните органи.
-Првпат се соочив со законот, со оглед на тоа дека немам ни казна за погрешно паркирање. Замолив некои пријатели во полиција да ми проверат за што станува збор, а повратната информација беше дека имало човек со мое име и презиме кој се барал за во Идризово. Тој веќе бил на издржување на казната, меѓутоа потерницата се уште не била повлечена. Зошто во неа се наведени само име и презиме, кое е идентично со моето, без задолжителните матичен број и адреса на живеење и понатаму не ми е јасно – вели скопјанецот.