Се борев како лавица за неговиот живот. Направив сè што беше во моја моќ. Две години буквално спиев во болници и овде и во странство и мојата совест е комплетно чиста. А, најважно од сè е човек мирно да спие, раскажува познатата ТВ-презентерка
На 19 години го изгуби татка си во сообраќајна несреќа. Втор огромен шок во нејзиниот живот беше смртта на сопругот, актерот Бранко Ѓорчев. Познатата ТВ-презентерка Гордана Ѓорчева ни ја отвори душата и искрено проговори за најтешките моменти. За она што досега молчеше, конечно собра сили да го сподели со јавноста.
Женски Магазин* Во февруари се навршија пет години од смртта на Вашиот сопруг. Болната реалност може човекот духовно да го скрши, но може да го направи и посилен. Како е со Вас?
Гордана- Да, на 24 февруари поминаа точно 5 години. На оваа тема скоро и да не зборувам. Создадов некој одбранбен механизам и не сакам да чепкам таму кај што боли. Знаете, сфатив дека болката е само моја и никој тука не може да ми помогне, освен самата јас. На моите 19 години го изгубив мојот татко во сообраќајна несреќа и некако се навикнав да се борам низ животот. Ова беше мојот втор огромен шок кој многу, многу тешко го поднесувам. Да, буквално ме скрши неговото заминување и мислам дека дури сега после 5 години полека почнувам да си доаѓам на себе. Поминав и сè уште поминувам низ многу тежок период, и емотивно и благодарејќи на балканскиот менталитет и среброљубието на неговите најблиски. Но, не сакам да се навраќам на тоа ни во мислите. Постојано се молам, Господ да ни даде само здравје и на мене и на моето дете. Се борев како лавица за животот на Бранко. Направив сè што беше во моја моќ. Две години буквално спиев во болници и овде и во странство и мојата совест е комплетно чиста. А, најважно од сè е човек мирно да спие.