Четиринаесет државни функционери имаат постојано физичко обезбедување, информираат во МВР, пишува Дневник.
– Ги обезбедуваме тројцата претседатели – на државата, на Владата и на Собранието, двајцата вицепремиери, министрите за внатрешни, одбрана, правда и за финансии… Ги обезбедуваме сите личности од Уредбата – вели Дневник Иво Kотевски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавноста.
Освен нив, МВР постојано ги обезбедува и министерот за надворешни работи, јавниот обвинител и претседателот на Уставниот суд. Обезбедување, според соодветниот закон, му следува и на поранешниот претседател на државата и на семејството на починатиот претседател.
За физичкото обезбедување на функционерите е надлежен Одделот за обезбедување, дел од Централните полициски служби на МВР, порано познат како Шеста управа. Составен е од сектори за обезбедување личности, за превентивно обезбедување личности и објекти, за внатрешно обезбедување објекти и полициско одделение за сообраќајно и ескортно обезбедување.
Уредбата предвидува четири степени обезбедување, од кои првиот се применува при посета на странски шефови на држави или при заедничко учество на државниот врв на јавни манифестации. Последниот степен е за обезбедување на министрите, другите личности од Уредбата и странски делегации.
Според Уредбата, постојано се обезбедуваат и кандидатите за избор на претседател на Македонија за време на предизборната кампања. Само претседателот и премиерот имаат право на обезбедување по престанување на функцијата, но ако нивната безбедност е загрозена поради службени дејства за време на мандатот, обезбедување може да им се додели и на други поранешни државни функционери. Во случај кога е проценет висок степен на загрозеност, поранешниот претседател и премиер се обезбедуваат с` додека постои опасноста.
Постојано се обезбедуваат кабинетот на претседателот, Собранието, Владата, министерствата, домовите на претседателите на Собранието и на Владата, значајни државни институции и објектите на странските претставништва.