Кои се чекорите што треба да ги направите за пријавување во УЈП?


Се отвори прашањето дали новата процедура ќе го олесни или отежни пријавувањето на приходи ?!

Сите граѓани кои имале било каков приход изминатата година ќе треба да седнат пред компјутер и електронски да се регистрираат на е-персонален данок.

Во прозорчето Регистрирај се да ги внесат своите лични податоци, матичниот и телефонскиот број, како и лозинка.

На официјалната интернет страна на Управата за Јавни приходи, откако ќе ги пополните сите податоци и ќе се регистрирате, барањето потоа го носите до шалтерите на Управата. Вака накратко изгледа процедурата која секој граѓанин треба да ја направи до 31 декември како би поднел ГДП.

Управата до крајот на месец април пополнетите пријави ќе им ги достави електронски на граѓаните кои во текот на месец мај ќе треба да ги потврдат или коригираат податоците. Доколку тоа не го сторат ќе се смета дека Управата подготвила точна даночна пријава.

Останува отворено прашањето дали ќе се скратат маките и на Управата со гужвите на шалтерите или пак ќе се предизвикаат поголеми турканици. Дали Управата ќе може да одговори на предизвикот, со оглед на фактот што за прв пат оваа година и пензионерите ќе треба да се регистрираат ?!

Новината предизвика голем револт токму кај нив. За нив е збунувачко, велат тешко ќе им оди работата со компјутери. Од УЈП пак смируваат. Појаснија дека со мобилните шалтери ќе одат и до најоддалечените места како би им излегле во пресрет на сите граѓани, најмногу на оние кои немаат познавања ниту пак се во допир со новата технологија и интернетот.

Нема да има никаква промена ниту во даночната политика. Ќе се даночи само она кое е предвидено со закон, објаснија од Управата.

Инаку регистрацијата се прави само еднаш и тоа оваа година, а потоа Управата сама ќе ги изготвува ГДП и ќе комуницира со граѓаните преку нивните профили. Доколку некој не се регистрира електронски – првата година нема да има казни, но сепак законски тоа е предвидено.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1