Кој беше убиениот лидер на косовските Срби Оливер Ивановиќ


Оливер Ивановиќ е роден во 1953 година во косовското село Рзниќ. Неговиот политички ангажман почнал во 1999 година, кога на повик на своите соседи Срби кои сметале дека „знае да разговара со странците“ се вклучил во локалниот политички живот во Косовска Митровица.

Ал џезира Балканс пишува дека Ивановиќ наскоро станал еден од клучните луѓе на укушто основаниот Српски национален совет за северот на Косово, но по две години бил сменет. Потоа станува член на Координациониот центар за Косово, за чие формирање се залагал. Потоа на парламентарните избори, на листата на коалицијата Повратак, избран е за пратеник во косовското собрание, во кое станува и член на претседателството. Фактот што се залагал за излегување на косовските Срби на изборите многумина му го замериле. Бил оспоруван и за „премногу флексибилност“ во контактите со меѓународната заедница, но и дека еднострано донесувал одлуки.

За време на владеењето на Демократската партија во Србија, од 2008 до 2012 година, беше државен секретар во министерството за Косово и Метохија, помагајќи во решавањето на проблемите на косовските Срби.

Ивановиќ секогаш беше опишуван како прагматичен политичар, чија најголема мана беше што ретко беше спремен решително да пресече расправа.

Најголемата дамка во неговата кариера е обвинението за учество во злосторството кое се случи во април 1999, кога во северниот, српскиот дел на Косовска Митровица беа убиени триесетина Албанци, а останатите беа протерани во февруари следната година. со години се зборуваше дека во злосторствата е вплеткан и Ивановиќ, а за тоа беше обвинет во 2014 со уште неколку косовски Срби. Судењето почна во декември 2014, по речиси 12 месеци кои Ивановиќ ги мина во притвор, а особено му сметаше што не го пуштаат да се брани од слобода. Затоа во август 2015 почна протестен штрајк со глад па една недела поради нарушено здравје беше префрлен во болница.

На почетокот на 2016 беше осуден на девет години затвор поради сомнеж дека извршил воени злосторства врз косовските Албанци како командант на српски паравоени формации во 2000. Во февруари минатата година суд во Митровица донесе одлука со која затворот му беше заменет со домашен притвор, па беше ослободен. Првичната пресуда беше поништена и случајот беше вратен на повторно судење.

Последица на правосудните проблеми беше тоа што на Ивановиќ му беше оневозможен полн политички ангажман, иако и од затвор се кандидираше на локалните избори во Митровица, со што косовските Срби изгубија еден од поумерените лидери кој не се согласуваше во сѐ со Александар Вучиќ и Српската напредна партија.

Нема сомнеж дека убиството на Оливер Ивановиќ ќе предизвика разни тензии кои во овој момент можат само да се претпостават. Многу зависи од тоа дали локалната полиција ќе успее да го најде убиецот или нарачателите на атентатот врз Ивановиќ и кого ќе обвини за злосторството.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1