Кој има право на К-15 годинава и колку ќе изнесува


Според пресметките минимална висина на К-15 ќе изнесува 8.900 денари, а право на регрес имаат сите работници кои работеле кај истиот работодавец најмалку шест месеци во календарската година

И годинава вработените во Македонија во приватниот сектор имат право на регрес за годишен одмор, популарно наречен К-15. Според пресметките минимална висина на К-15 годинава ќе изнесува 8.900 денари.
Досега дел од фирмите веќе им го исплатија овој регрес на работниците, а оние кои што тоа не го сториле треба тоа да го направат најдоцна до крајот на декември.
Право на регрес имаат сите работници кои работеле кај истиот работодавец најмалку шест месеци во календарската година.
Законската регулатива вели во случај да не го исплатат регресот за годишен одмор предвидени се затворски и парични казни за работодавците.
Така износот на К-15 се одредува во висина од најмалку 40% од просечната месечна нето плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци.
За минатата година, тој износ беше најмалку 8.909 денари, а најмногу до 13.116 денари 40% од просечна бруто-плата објавена во тековниот месец која беше 32.789 денари.
Работодавачите појаснуваат дека бидејќи последните месеци од годинава ќе има зголемување на минималната плата од 10.080 на 12.000 денари, се очекува да има и значаен раст на просечната бруто и нето-плата по вработен во Македонија.
Токму овие промени ќе овозможат до крајот од годината да добијат поголем износ во однос на оној што го примиле во декември 2016 година.
Како на пример, ако се направи пресметка според последните податоци на Државниот завод за статистика објавени за август, може да се согледа дека регресот за годишен одмор ќе изнесува 9.123 денари, а тоа е 40% од износот на просечната нето-плата по вработен која во јуни достигна 22.808 денари, односно максимум до 13.403 денари, што пак е 40% од износот на просечната бруто-плата по вработен 33.509 во јуни.
Според колективниот договор, останува правото на фирмите со финансиски тешкотии да исплатат помалку од минимално утврдената сума. Но постоечкиот колективен договор содржи и одредени нејаснотии во делот дали еден работник кој шест месеци работел во една, а потоа уште шест месеци во друга фирма во иста календарска година, треба да добие К-15 од двете или само од едната фирма.
И годинава вработените од јавниот сектор ќе останат без К-15. Како што појаснува Пеце Грујовски, претседател на Синдикатот на работниците од Управата и правосудството (УПОЗ), во јавниот сектор нема ни колективен договор, а со новата Влада, која е работодавец на овие работници ќе се отворат преговори за негово носење, а со тоа и за правото на овие вработени, конечно, да добиваат регрес за годишен одмор.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1