Зошто Русинката – цимерка на исчезнатата Дениса Маркоска од Прилеп, кобното утро отишла на лекар на Крит кога на крузерот имало доктор? Зошто во нејзиниот телефон немало СИМ картичка. На овие прашања, како и на главното – каде е Дениса, обвинителството од Крит ќе даде одговор во текот на следната недела.
Како што пренесува Канал 5, во текот на следната седмица се очекува обвинителката на Крит да има некакви информации за случајот со исчезнатата Дениса. Предметот се уште се разгледува. – велат за Канал 5, од Обвинителството во чии раце од понеделникот е документацијата од истрагата на полицијата и крајбрежната стража. И по две седмици, мистеријата е без разврска.
Зошто токму на денот на исчезнувањето цимерката на Дениса отишла во болница на Крит?! Зошто ја нема СИМ картичката од мобилниот?! Зошто бродот си продолжил да плови по предвидената програма?! Зошто капетанот чекал да стигнат на Крит, да бараат сами па подоцна да пријави во полиција?! – ова се само дел од прашањата кои засега остануваат без одговор, прашања кои ги поставува и семејството на исчезнатата 23 – годишна девојка.
Канал 5, од извори од истрагата се обиде да дознае што точно се случило во петокот на 12. септември. Бродот на Крит стигнал во 8:40, исчезнувањето е пријавено во 10:20, а наводно капетанот прво решил дека треба сами да ја побараат на бродот, а дури потоа да ја алармираат полицијата. Откако стигнала полицијата, земала исказ од дел од вработените на бродот, а крстарењето по само неколку часа продолжило кон следната дестинација, градот Ретимнос на грчкиот остров Крит, велат од Канал 5.
Она што дополнително покренува прашања, дали е само коинциденција или некаква вмешаност е ситуацијата со цимерката на Дениса. Повозрасната Русинка, и покрај тоа што на бродот имало лекар по пристигнувањето на грчкиот остров заминала во една од локалните болници бидејќи од претходниот ден се пожалила на здравствени проблеми. Меѓутоа, нашите извори потенцираат дека посетата на грчката болница во никој случај не била скришна.
Мистерија останува и што се случило со СИМ картичката на Дениса. Грчката полиција, мобилниот го добила без СИМ картичка, велат дека бил нов мобилен, веројатно подарок за нејзиниот роденден, а празен стигнал и во рацете на семејството.
Изворите на Канал 5 од истрагата, велат дека бродот Серенисима на којшто работеше Дениса не пловел под руско знаме, туку под знамето на Сент Винцент и Гренадини.
Фотографијата на Дениса и податоците, веќе се наоѓаат на официјалниот сајт на Интерпол, во графата исчезнати лица.