ВМРО-ДПМНЕ сака и во новата влада да ги задржи ресорите за здравство и за транспорт и врски, наспроти амбициите на ДУИ нивни кадри да ги заземат челните места во овие министерства. .
Според информации на Утрински весник, докторката од Детската клиника, Аспазија Софијанова, која е избрана за пратеник, е меѓу најсериозните решенија на ВМРО-ДПМНЕ за министерска во здравство. Никола Тодоров би ротирал во друг ресор – се споменува Министерството за внатрешни работи. Тоа, пак, би повлекло и преместување на досегашната министерка Гордана Јанкулоска во друго министерство, на пример, во правда, доколку ДУИ отстапи од овој ресор, со кој раководеше досега Блерим Беџети.
Во ВМРО-ДПМНЕ се подготвени, наводно, наместо здравство, да и’ го отстапат на ДУИ Министерството за труд и социјална политика, што беше под контрола на оваа партија и до 2011 година, а чиј последен министер, Диме Спасов, е избран сега за пратеник.
Се очекува во министерствата за надворешни работи и за образование да останат досегашните челници – Никола Попоски, кој беше носител на листа во Шестата изборна единица, и Спиро Ристовски. Министерството за култура, пак, би можело да и’ биде понудено на ДУИ, откако досегашната министерка Елизабета Канчевска-Милевска стана пратеничка. Од друга страна, не се најавува промена на позицијата на Зоран Ставрески, кој е од почеток вицепремиер, а подоцна беше избран и за министер за финансии.
Информациите се овој пат дека владејачката партија на Албанците ќе отстапи од одбраната, меѓу друго се споменува поранешниот шеф на дипломатијата, Антонио Милошоски, кој влезе повторно во парламентот како носител на листата во Петтата изборна единица. Но, неговото име се поврзува деновиве и со вицепремиерското место во евроинтеграции, доколку ДУИ отстапи од него и ја добие за возврат потпретседателската функција за економски прашања, каде што беше досега Владимир Пешевски.
Повеќе на Утрински