Градските власти, откако утврдија загрижувачки резултати дека скопската почва во одредени региони е затруена со тешки метали, особено со арсен, ќе го продолжат истражувањето во насока колку од тие метали завршуваат на нашите трпези преку овошјето и зеленчукот произведени на нивите во Скопско. Испитувањето е важно затоа што тешките метали се токсични за човековиот организам и предизвикуваат тешки и смртоносни заболувања и разни нарушувања.
Оловото во зголемени концентрации го има во околината на Железара, одводниот канал на „Цементарница“, кај МЗТ и на врвот на Водно. Просторот околу железарницата е контаминиран и со цинк и со хром. Ограничени површини околу Бардовци, Шуто Оризари и аеродромот во Петровец се карактеризираат како контаминирани бидејќи содржат кадмиум во зголемени концентрации. Бариумот е присутен околу рибникот на фабриката „Железарница“ и во Стајковци, Ченто и Бардовци, со слабо покачени концентрации.
Црна точка околу ОХИС- загадената површина со арсен, с` до Огњанци, зафаќа 30 километри квадратни, околу „Рудници и железарница“ е загадена површина од 20 квадратни километри помеѓу селата Ченто, Стајковци, Црешево и Брњарци, а кај агрокултурните почви околу „Окта“ кај селата Текија, Миладиновци и Мршевци е загадена површина од 10 квадратни километри.
Во урбаниот дел има помали локалитети со зголемени концентрации со арсен, како на пример, Чаир, околината на старата железничка станица, населбата Пролет, училишниот центар во населбата Железара, хотелот „Панорама“ и др.
Kај Смилковци, Стајковци и Арачиново вредноста на арсен во почвата е во рамките на максимално дозволените, а кај селата околу ОХИС арсенот во почвата најмногу е присутен два-три пати над дозволеното.