Колку чини човечкиот живот во Република Македонија? Моето искуство покажа – 2.500 евра. Сосе останатите трошоци, вкупно 4.000 евра… Толку треба да имате, позајмите, да подигнете кредит или да собрете донација, ако сакате да дочекате Нова година. Иако повеќе од 30 години редовно, секој месец сте плаќале здравствено осигурување и за тоа време не сте искористиле ниту еден ден боледување.
Ова е искуството на еден обичен, 62 годишен човек во Република Македонија, кој боледува(ше) од карцином на белите дробови. Јас само ја пренесувам неговата приказна и искуство, после кое тој рече: „Јас веќе жив не се враќам во Клиничкиот центар…“.
Целта на овој текст е да се спаси барем еден човечки живот. Ако сме успеале во тоа, сме постигнале многу.
Во мај годинава почна да се зголемува неговата телесна температура – два пати дневно достигнуваше до 40 степени целзиусови. Матичниот лекар му препишуваше антибиотици во неколку фази, му правеа анализи на крвта, му испитуваа тумор-маркери чии вредности воопшто не беа зголемени. Бидејќи температуратата никако не се симнуваше, беше препратен на Клиниката за пулмоалергологија, каде го презеде специјалист-пулмолог, кој препорача да се направи бронхоскопија (земање примерок од белите дробови). Веќе кон крајот на јуни ја дознавме кобната дијагноза – карцином на едното белодробно крило. По сите направени анализи, снимања и испитувања, се покажа дека карциномот нема метастази и е локализиран, а сите органи на пациентот се во одлична кондиција. Лекарски конзилиум одржа итен состанок заклучи дека станува збор за капсуларен карцином од 3,5 сантиметри кој може хируршки да се отстрани.
Тука почна голготата на човекот, која траеше цели два месеца. Жаргонот, кој го употребуваат и самите лекари, е играње „пинг-понг“ со пациентот. Тоа значи дека ќе ве пренасочуваат од една до друга клиника, па до трета и до четврта, па пак до првата… се додека не кренете раце и не речете: „Не можам повеќе, подобро да умрам“.
Лакарскиот конзилиум веднаш препорача операција, и бидејќи карциномот беше на белодробното крило, тој беше хоспитализиран на Клиниката за торакална хирургија на Клиничкиот центар во Скопје. (Треба ли да се спомнува дека по претходна препорака, пациентот лично се договараше со хирургот, а посредуваше многу влијателна личност во нашето општество?! И дека скоро сите лекари што го водеа пациентот се професори?!).
Но, се јави „проблем“. Пациентот постојано беше фебрилен – медицински термин за зголемена телесна температура. По три дена на Торакална хирургија, со исклучително висока температура, истиот хирург го препрати на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, за да ја пронајдат и отстранат причината за високата температура. По грешка или не, хирургот го препрати без интерклинички упат, па по многу расправии и убедувања пациентот си отиде – дома. Никој не сакаше да го хоспитализира без упат.
Семејството во паника, веднаш закажа преглед во една од скопските приватни болници, кај познат хирург. Кога ги виде резултатите, тој рече дека не може ништо да предвиди. Снимките се стари и мора да се направат нови. Но, прво мора да се направат анализи на крвта. Тоа ќе трае два-три дена, а ќе чини околу 1.200 евра.
Рековме, да размислиме…
Бидејќи во текот на ноќта повторно му се зголеми температурата, го примија на Клиниката за инфективни болести (повторно без упат), како итен случај. Таму беше згрижен цели 17 дена. Ја прими најдобарата можна антибиотска терапија, но фебрилноста остана. На крај, му дадоа кортиостероиди кои механички, во моментот ја спуштаат температурата.
Додека сите очекувавме да го преземе хирургот, да го оперира и да го извади карциномот, лекарите од Клиниката за инфектологија препорачаа третман и му дадоа упат на Клиниката за онкологија и радиологија, бидејќи темпаратурата била „туморска“. Во меѓувреме, торакалниот хирург кој требаше да го оперира замина на годишен одмор и не назначи своја замена. (И повеќе не праша што се случи со неговиот пациент).
Онколозите се чудеа како да го преземат пациентот, кога тие не смеат да му дадат каква било терапија додека е „фебрилен“. Добивме упат повторно на Клиниката за пулмологија. Тие беа категорични дела „фебрилност“ се лекува на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Не треба да ја потенцирам иронијата на лекарите, кои како на човек со пречки во развојот ми објаснуваа во слогови: „Феб-рил-ност, значи Кли-ни-ка за феб-рил-ни сос-тој-би. Таму да го однесете“.
Лекарите од Клиниката за инфектологија кога го видоа упатот, повеќе ги интересираше „која е таа што им го пратила пациентот, кога тие веќе го лекувале и завршиле со него“ отколку состојбата на пациентот. Повторно не вратија на Клиниката за пулмологија, а оттаму пак на Клиниката за онкологиј. Побаравме повторно упат на Торакална хирургија. Ајде, можеби некој друг ќе се согласи да го оперира, или во најмала рака ќе ни даде добар совет. Прашањето беше едноставно, дали вреди да го носиме пациентот во странство?
– Знаете како, приватна клиника како приватна клиника. Само ќе ви ги земат парите. Не познавам хирург што ќе се нафати на оперира пациент кој е фебрилен – рече тој.
На крај, како последна надеж, отидовме на Инстутот за пулмолошки заболувања и туберколоза, со приоритетен упат. Кога на лекарката и го објаснив подробно случајот, таа трпеливо ме ислуша. Се сеќавам, искоментира, дека се што сме правеле сами, од една до друга клиника, обидувајќи се да сториме нешто, требало да го прави лекарски конзилиум, кој за конкретниот случај требало да се состанува барем еднаш неделно. Кога и ја спомнав идејата да се обидеме со некоја болница во странство, таа дури ми даде совет што да потенцирам во писмото.
Веќе следниот ден пишував писмо во болница во Софија. Семеен пријател пред десетина години имаше слична дијагноза и беше успешно опериран таму. Едноставно, им се обратив на нивната интернет страница. Попладнето се јавив на мобилен телефон кај торакалниот хирург. Верувале или не, тој веднаш одговори на повикот. Лично. Ми требаа пет реченици да му ја објаснам ситуацијата, на македонски јазик. Тој рече:
– Не сакат да го оперират оти има температура?! Ами од туморот е температурата! Одма да го донесете!
– А колку отпилика би чинела операцијата?
– Од 2.500 до 3.000 евра.
И веднаш го однесовме. Тој вети дека може да го оперира и го стори тоа. Иако беше се уште „фебрилен“. Го ампутира цело белодробно крило, заедно со карциномот кој за два месеца, додека траеше партијата „пинг-понг“, пораснал од 3,5 на 9,5 сантиметри. И зафатот чинеше 2.500 евра. Сосе трошоците за придружникот и дополнителни седум дена на одделот за пулмологија во болницата, трошоците изнесуваа 4.000 евра. И човекот остана жив и ќе ја дочека оваа Нова година и уште многу по неа. Ете, толку чини животот на човек кој боледува од операбилен карцином во Република Македонија.
Fakulteti.mk