Ресторани, кафеани, сендвичарници, кладилници и останати економски субјекти нема да работат од 23 часот навечер до 5 часот изутрина. Забрана за одржување на секакви настани и ограничување на капацитетот на патници во јавниот превоз. Овој сет рестриктивни мерки Комисијата за заразни болести ќе го предложи до Владата во понеделник, поради секојдневното рушење на рекорди со бројот на новозаразени од Ковид 19. Побараа од граѓаните да бидат дисциплинирани и да ги почитуваат, во спротивно, може да дојде до преполнување на болничките капацитети и бројки од 1000 позитивни дневно. Иако имаат уште многу неисцрпени мерки кои им стојат на располагање, од Комисијата велат дека не можат да измислат епидемиолози и инфектолози кои треба да работат со болните.
-„Во моментот само во франција има полициски час, во ниту една друга европска земја. Епидемиолошки гледано, кај нас, ако ништо не се почитува секако дека само тоа ни препостанува. Меѓутоа, ве молам и медиуми и население, самите ако не си помогнеме на себе, не може да ни помогнат уште 500 доктори, 500 сестри, 20 болници, изјави др. Жарко Караџовски, претседател на Комисија за заразни болести..
Претседателот на Комисијата за заразни болести вели дека не е многу важно дали одреден субјект ќе работи до 22 или 23 часот и тоа оставаат да одлучи Владата. Но потенцира дека главна цел е да ги спречат групирањата на младите кои изминатиот период за да бидат видени, оделе по журки и концерти непочитувајќи ги мерките за заштита. Но реагира и за неодговорноста на многупина, кои и покрај забраната правеле свадби со финти.
Воопшто не почитуваа мерки. Јас не видов ниту еден концерт каде младите џускаат и носат маски, вели Караџовски.
Здравствените власти велат дека есенскиот бран подрани и следниот период ќе биде тешко бидејќи амбулантите, покрај короната ќе ги полни и сезонскиот грип. Болничките капацитети се речиси исполнети а веќе ќе почне и системот со ротација на кадар од другите установи.
-Модуларната болница е целосно подготвена, но таму се уште немаме пациенти.Пристигнати се лекарите и медицинските сестри од другите клиники кои таму треба да работат, согласно договорот што вчера го направивме со директорите на здравствените установи, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Од денеска на помош на епидемиолозите во Институтот и центарот за јавно здравје во Скопје на помош се и студентите по медицина од 6 година, кои трерба да им помогнат во изгхотвување на анкетните прашалници и следењето на контактите на заразените.