Косовските власти дополнително ја засилија трговската војна со Србија и Босна и Херцеговина. Во Белград на зголемувањето на царините се гледа како на автодеструктивен потег, но и како опасност за регионот.
Европската унија мора да влијае врз косовските власти и да се укинат царините за стоки од Србија и Босна и Херцеговина, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се потсетува дека Косово кршејќи ги своите обврски кои произлегуваат од слободната трговија, одлучи да воведе царини од 100 проценти на стоки од Србија и Босна и Херцеговина.
Мерките на властите во Приштина уследија само еден ден по неуспехот на Косово да добие членство во Интерпол, па оттука на нив се гледа и како на некој вид одмазда за тој дипломатски пораз.
Белград, се чини, овојпат е дополнително загрижен поради недостатокот на поостар притисок од Вашингтон и Брисел врз властите во Приштина, бидејќи не само што не беше извршен притисок да се укинат воведените такси од 10 проценти, туку сега тие се зголемија на 100 проценти.
Забележително е, сепак, дека Србија на Косово извезува стоки во вредност од 440 милиони евра, а Косово на Србија за 21 милиони евра. Но, тој дисбаланс во трговијата трае веќе со години и Приштина со зголемувањето на таксите преку ноќ не може ништо да постигне, а ќе има последици по цените и стандардот на сите граѓани на Косово.
Нема реципрочни мерки
Клучната порака на српските власти е дека Србија нема да воведува никакви реципрочни мерки, но и дека е многу загрижена дека ова ќе се одрази врз положбата на Србите на Косово и безбедноста на регионот.