Ковачевски нов лидер на СДСМ, Мицкоски реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ


На вонредни внатрепартиски избори и на конгрес, двете најголеми политички партии во земјава СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вчера избраа лидери на партиите. Димитар Ковачевски со 37.649 гласови од членството е избран за нов претседател на СДСМ, додека пак досегашниот прв човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со гласовите на 489 делегати повторно е избран за претседател на партијата.

На вчерашните вонредни внатрепартиски избори во СДСМ се гласаше на 194 избирачки места низ општинските организации во државата од 08.00 до 19.00 часот, со заокружување на редниот број на еден од тројцата кандидати за претседател на СДСМ кои се наоѓаа на гласачкото ливче, согласно жрепка за утврден редослед. Другите двајца кандидати беа Јован Деспотовски кој освои 3.319 гласа и Фросина Ременски која доби 2.836 гласа. Неважечки беа 602 ливчиња.

Ковачевски доаѓа на местото на Зоран Заев кој беше лидер на СДСМ од 2013 година и кој по неуспехот на локалните избори во октомври најави оставка и од лидерската партиска, но и од премиерската функција.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера го одржа 17. редовен партиски конгрес на кој го реизбра Христијан Мицкоски за претседател. Тој беше и единствениот кандидат за лидерската позиција, а доби поддршка од 489 делегати. Од присутни 493 делегати, гласале 492 од кои 489 за Мицкоски. Имало и три неважечки ливчиња. На конгресот под мотото „Нова генерација за нова иднина“, ВМРО-ДПМНЕ најави нова доктрина и кадровски освежувања.

Мицкоски го доби првиот претседателски мандат во партијата пред четири години, на 23 декември 2017-та, кога на 16. конгрес во Валандово беше поддржан од 376 делегати. Тој е доктор по технички науки и професор на Машинскиот факултет во Скопје. Беше претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ, а во однос на партиските активности извршувал повеќе функции – бил претседател на кадровската комисија на ВМРО-ДПМНЕ, дел од Републички изборен штаб на изборите 2011, дел од Републичкиот изборен штаб ИЕ4 на изборите 2008, 2014, 2016, член на конгресот на партијата во 2003 кога за претседател е избран Никола Груевски, како и член на конгресот во 2015 година.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1