Мицкоски најави нов концепт – општествен консензус за заеднички патриотизам


Преродба на државата и на партијата, реални, суштински промени и нов концепт – општествен договор (консензус) меѓу сите чинители за т.н. заеднички патриотизам што подразбира почитување на различностите и искрено пријателство во име на напредокот, најави вечерва Христијан Мицкоски откако на денешниот редовен 17. конгрес беше реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Заблагодарувајќи им на делегатите за довербата да добие втор мандат, Мицкоски рече дека партијата влегува во втора епоха чиј приоритет ќе биде поединецот, ослободувањето од стегите, слободата на мислата и изборот.

Народот сака опција на која ќе и верува, а ВМРО-ДПМНЕ, потенцира Мицкоски, е таа алтернатива.

-Мора да сториме се, не смееме да разочараме и да потфрлиме. Мора да успееме, да постигнеме праведен напредок, да овозможиме еднакви можности за сите – идеја што изминатите три децении застрани. Подгответе се, не чека многу работа, не чека борба, народот има очекувања и надеж дека нешто ќе се промени, не смееме да го изневериме. Да ја вратиме државата на граѓаните, да го создадеме заедно македонскиот сон, истакна Мицкоски.

Од овој конгрес, додаде, ВМРО-ДПМНЕ излезе посилно, со уште поголем елан и енергија за времињата и предизвиците што следат.

-Испративме јасна порака на обединување и заедништво. Енергијата е разбудена и покажува дека Македонија може и знае како. Ќе се избориме, надежта постои. Промените доаѓаат. Поминавме низ силни искушенија изминативе четири години. Ова сега е нашето време, моментот на новата генарација. Патот напред е тежок и долг, ова е заедничка битка. Климата може да е сурова и може нема веднаш да стигнеме до тоа што го сакаме, но никогаш не сум се надевал повеќе од денес дека обединети, заедно, ќе дојдеме до целта. Може ќе има заостанувања, не ќе можеме да го решиме секој проблем. Сепак, секогаш ќе бидам искрен со вас, ќе ве слушам. Наша должност е да обезбедиме луѓето да имаат избор, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, општеството предолго е во истото мочуриште поради неодговорните политики.

-Системот на невредности стана правило на однесување во секојдневието. Нашата борба не е само за партијата и за поединците, задачата е многу посериозна. Но, подготвени сме да кажеме дека Македонија ќе победи. Македонија може да се промени, политичарите можат и мора да се променат. Доаѓа нова ера на лидерство, порача Мицскоски и дополни дека ВМРО-ДПМНЕ во насока на креирање што поуспешни политики ќе му подаде рака на секој интелетуалец.

Образложувајќи го општествениот договор за т.н. заеднички патриотизам, Мицкоски рече дека „нема веќе ваше и наше, сите сме под истиот покрив кој еднакво прокиснува и кому му е потребна поправка за да му се врати сјајот“.

-Не е доцна да ги исправиме работите. Време е да одиме напред, едните заедно со другите. Заедничкиот патриотизам е различност која меѓусебно ќе ја почитуваме, отворање на вратите на ВМРО-ДПМНЕ за сите заедници, наше ново стратешко позиционирање, подвлече Мицкоски.

Во обраќањето по реизборот, Мицкоски најави и нови економски мерки, намалување на даноците, отворена војна против корупцијата, мерки во земјоделството, прогрес во културата.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1