Kрадецот од Музејот на Македонија бил пребирлив, земал само златни предмети, ги одбирал целите парчиња, а ги оставал оштетените артефакти, што значи дека се разбирал од археологија. Најверојатно, предметите исчезнале годинава.
Ова може да се заклучи од реакцијата на кустосите од Музејот. Во Музејот, објаснуваат, се правеле ревизии на инвентарот во 2008/9 година и во периодот од 2011 до 2013 година, кога биле направени каталошки единици за предметите што требало да бидат изложени во новиот Археолошки музеј и притоа недостасувал музејски материјал.
Kустосите појаснуваат дека во 2009 година, заради селење, сите експонати биле спакувани и депонирани во депоата и во трезорот во Музејот на Македонија. Објаснуваат дека „станува збор за простории што се обезбедени, а до кои пристапот се набљудува со камери“.
– Секое влегување на кустосите се евидентира во книга и се одвива исклучиво во присуство на ракувач на депото, кој има обврска да се грижи за редот во депоата и навремено да информира за можни недостатоци – дополнуваат тие.
Kустосите направиле Kомисиска ревизија и на другите збирки, од кои недостасуваат 121 предмет, исклучиво златен накит од вкупно 4 збирки.
– Украдениот материјал бил избиран, украдени се само цели предмети, оштетените се оставени – завршуваат кустосите.
Музејот вчера повторно беше под полициска опсада откако се појавиле контрадикторни бројки за исчезнатите предмети.