Замената на азбестните цевки си оди по планот и ние континуирано ги заменуваме со нови. Последната азбестна цевка е вградена во 1989 година во градскиот систем, кој има 1.310 километри. Од тие 1310 км, има само 90 километри азбест-цементни и поцинкувани цевки, а досега се заменети 70 километри. Оваа година сменивме околу 15 километри. Значи останати се многу малку ваков вид на цевки. Наша цел е да се променат 100 отсто од азбестните цевки и тоа ќе го завршиме што побрзо, вели за Вечер Александар Атанасов, директор на ЈП “Водовод и канализација”-Скопје
Со проектот “Мој инкасатор” граѓаните сами можат да го одберат инкасаторот што ќе сакаат да им го прочита водомерот. Се работи за систем кој е интегриран на нашата веб страница и преку кој граѓаните можат веднаш од својот дом да повикаат инкасатор. Инкасаторите се запишани со име и презиме. Инкасаторите се поделени во 5 реони на кои е поделен градот. Корисникот ги внесува своите податоци во полињата на веб страницата и го испраќа своето барање. Барањето веднаш пристигнува кај нас и потоа делуваме кон спроведување на истото. Услугата е бесплатна. Овој проект произлезе по поплаките на корисниците дека се случува инкасаторот подолго време да не го прочита водомерот, бидејќи не биле дома корисниците, не стигнал инкасаторот итн., по што пристигаат големи сметки наеднаш. Со овој проект го решаваме овој проблем и им излагаме во пресрет на граѓаните.
“Доставување на состојба на водомер” – оваа опција исто така е интегрирана и се наоѓа на нашата веб страница. Со оваа опција “Доставување состојба на водомер” корисниците имаат можност крајно едноставно да ни ја достават состојбата на нивниот водомер. Ги пополнуваат основните податоци и дописот може да го поткрепат со фотографија (од бројачот на водомерот). Може да се постават до 3 фотографии, зависно од тоа колку водомери има корисникот. Со овој проект се олеснува работата и на инкасаторите и на корисниците.