Поранешниот претседател на косовското Собрание Јакуп Красниќи вели дека српската премиерка Ана Брнабиќ „не знае или не сака да знае“ што е геноцид.
Коментарот на Красниќи е по повод вчерашната изјава на Брнабиќ дека во Сребреница не се случил геноцид, затоа што, според неа, „геноцид е кога го убивате целото население, жените, децата, а тоа не се случи“.
„Се чини дека нејзе не ѝ е доволно тоа што српската политика не ги отепа сите Бошњаци во Босна и Херцеговина, сите Албанци во Косово, сите Хрвати во Хрватска, за да го нарече геноцид. Да се рече дека таа не знае што е геноцид, тоа е малку веројатно, но и таа како и нејзиниот шеф, претседателот (Александар) Вучиќ, жали што режимот на (Слободан) Милошевиќ не го оствари неговиот план да ги убие сите, мажи, жени и деца Бошњаци, Албанци и Хрвати за да ја создаде Голема Србија“, напиша Красниќи.
Тој прашува дали доколку беа отепани сите луѓе од тие нации „Брнабиќ и Вучиќ тоа ќе го наречеа геноцид?“.
„По се изгледа така мислат сите кои се на власт во „демократска“ Србија до денес. Оваа изјава на српската премиерка е застрашувачка бидејќи е изречена во континент кој се гордее со своите консолидирани вредности во однос на човековите права и слободи. Изречена е во една земја која предизвика три војни и геноциди, за кои не наоѓаат сили да ги признаат и да направат едно формално извинување, ниту пак да градат нови односи на комуникација и соработка со нациите на кои им должат многу“, вели Красниќи.
Тој забележува и дека ниту кај другите, надвор од Србија, не постои решителност за „осуда на српскиот геноцид“.
„Стравот е уште поголем бидејќи ниту политиките на нациите кои го доживеаја геноцидот (посебно Албанците) ниту светските сили кои треба да го гарантираат мирот и безбедноста во светот, не се решителни во осудата на српскиот геноцид во Косово, Босна и Херцеговина и Хрватска. Напротив, граѓаните на Косово, помалку од два милиони на број, се единствените во овој дел на Европа кои се гетоизирани“, напиша Красниќи во коментар кој го објавија приштинските медиуми.